Се крои буџетот за референдумската кампања

Министерствата и другите органи на државната управа имаат уште два дена рок за да достават информации до Министерството за финансии за средствата што ги имаат на располагање, што би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.

 

До Државната изборна комисија (ДИК) до вчера до 13:00 часот се доставени вкупно 862 пријави од македонски државјани за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва во странство.

Од нив, 836 пријави се прифатени, 19 се одбиени, а останатите се во обработка. Најголем број пријави се доставени за гласање во Берн – 72, во Лондон – 69, во Торонто – 57, Љубљана – 48 и Канбера – 36.

Владиниот портпарол Муамет Хоџа вчера на прес-конференција изјави дека Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена.

Според него, тогаш ќе може и да се излезе со проекција колку пари ќе бидат одвоени за кампањата.

Кампањата, посочи тој, ќе биде информативна, а целта е на граѓаните да им се објаснат придобивките од договорот со Грција. Додаде дека Владата, во текот на целиот процес ќе го почитува принципот на отчетност и транспарентност.

Во врска со досегашната кампања на Фејсбук страницата на премиерот Зоран Заев за референдумот, Хоџа рече дека се работи за потрошени средства до сто евра за јавно рекламирање на социјалната мрежа.

Владата на завчерашната седница донесе одлука да спроведе кампања од јавен интерес за референдумот на 30 септември за прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.