Се најавува нова албанска партија – „Беса“

Две нови политички движења есенва ќе ја брануваат албанската политичка сцена. Освен движењето за реформи на струшкиот градоначалник Зијадин Села, во ноември се најавува ново движење, кое според првичните најави, граѓаните ќе го препознаваат под името „Беса“. Двете движења, според најавите, дејствуваат независно едно од друго, пишува „Дневник“.

Новото движење во албанскиот блок досега неколку пати беше најавувано, но викендов преку порталот на албански јазик „Алмакос“ првпат јавно го најави Зеќирија Ибрахими, еден од основачите на новиот политички субјект. Африм Гаши, кој е дел од тимот, за „Дневник“ ги потврди информациите дека движењето ќе го обелоденат идниот месец. Освен Ибрахими и Гаши, меѓу основачите се споменуваат и универзитетскиот професор Билал Kасами и педијатарот Реџеп Мемети.

– Во ноември ќе заседава иницијативниот одбор на движењето. Ќе бидат потребни два или три месеци да се оформи структурата за потоа на конгрес да биде избран претседател на движењето, како и платформата и програмата – вели Гаши.

Тој додава дека на граѓаните ќе им понудат сосема нов концепт кој ќе го застапуваат интелектуалци, докажани во своите области и во општеството, без политички багаж, но и млади луѓе. И додека Тачи е загрозен од поранешниот сопартиец Села, неофицијално, од движењето „Беса“ стравува партијата на Ахмети, пишува Дневник

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.