Се намалува невработеноста во Македонија

Се топи невработеноста во Македонија. Лидер ги анализира последните трендови и прави споредба со случувањата во Европската унија, како наш најзначаен економски партнер. Откако Евростат ги објави најновите податоци, можат да се направат неколку компарации околу вкупната невработеност, но и невработеноста кај младите, како еден од најсериозните проблеми на пазарот на труд, пишува Лидер.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека стапката на невработеност во Македонија од 2006 година бележи континуирано опаѓање, за на крајот од третиот квартал лани да се спушти на 23,4% (последни достапни податоци).

Активното население брои 949 илјади 944 луѓе, од кои 727 илјади 985 се вработени, а 221 илјада 959 се невработени. Стапката на вработеност достигна 43,4%, позитивен тренд што беше нотиран и во публикацијата на ДЗС „25 години независна Македонија“. Во неа стои: „Најниска стапка на вработеност е забележана во 2004 година, по што, почнувајќи од 2005 година, стапката на вработеност е во континуиран пораст“.

Буџетот за годинава е креиран со проекција за 11 илјади нови работни места и раст на вработеноста од 1,8 проценти.

-Со комбинирање на мерките за унапредување на деловното окружување, со поттикнување на инвестициите и со активните мерки на пазарот на труд се намалува стапката на невработеност, вели министерот за финансии Кирил Миноски.

Надлежните се надеваат дека ова ќе придонесе за позначителен притисок на пазарот на труд во насока кон зголемување на платите и подигнување на животниот стандард.

-Невработеноста се намалува, а тоа предизвикува раст на платите, коишто во изминатите години се покачија за над 65%, вели вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Овој ефект постепено се постигнува. Просечната месечна исплатена нето – плата во ноември (последни податоци) изнесува 22 илјади 380 денари, за 1,8% повисока во однос на истиот месец претходната година.

-За објективно зголемување на висината на платата влијаат повеќе параметри, но клучно е дека во рамките на социјалниот дијалог е потребно да има развиена свест, како и да има економска основа за да може да се зголемуваат платите, објаснува универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

Паѓа невработеноста и во ЕУ

Паѓа невработеноста во Европската унија – покажуваат последните податоци на Евростат. Просечната стапка во 28 земји – членки изнесува 8,2%, пониска од истиот месец претходната година кога изнесуваше 9%.

Европската статистичка служба пресмета дека 20 милиони и 65 илјади луѓе во ЕУ се без работа, од кои 15 милиони 571 илјада се во еврозоната. За една година, бројот на невработени во ЕУ се намалил за милион и 839 илјади луѓе.

Стапката на невработеност е пониска во 24 држави – членки на Европската унија, а повисока невработеност е измерена во Кипар, Италија, Естонија и во Данска. Со најниска стапка на невработеност се Чешка (3,5%) и Германија (3,9%), додека најголема невработеност има во Грција (23%) и Шпанија (18,4%).

Позитивни трендови има и преку Атлантикот. Стапката на невработеност на крајот од 2016 година во САД изнесува 4,7%, за 0,3 проценти поени пониска во однос на истиот месец од претходната година.

Главен проблем – невработеноста на младите

Голем проблем и во Европската унија и во Македонија претставува невработеноста на младите луѓе. Економската криза од 2008 година само долеа масло на огнот и оваа популација претрпе уште потежок удар.

Податоците на Евростат покажуваат дека 4,2 милиона млади луѓе на возраст под 25 години биле невработени на крајот од 2016 година. Стапката на невработеност кај оваа популација во ЕУ изнесува 18,6% (20,9% во еврозоната).

Сепак, југот на Стариот континент е во многу неповолна позиција. Невработеноста меѓу младите во Грција достигна 44,2%, во Шпанија 42,9%, а во Италија 40,1%. Овие стапки изгледаат сосема нереално споредено со Германија, каде невработеноста меѓу младите изнесува 6,5%.

Македонија и регионот со исти предизвици

Ништо подобра не е сликата во Македонија. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, заклучно со третиот квартал од 2016 година, стапката на невработеност меѓу младите во земјава изнесувала 46,4%.

Овој проблем е силно изразен и во државите од соседството, а го нотираше Светска банка во последниот извештај за Македонија, Србија, Косово, Албанија, БИХ и Црна Гора.

-Речиси 25 проценти од младите во шесте земји на југоисточна Европа се неактивни – не се вработени, ниту се во образование односно обука. Тврдоглаво високата невработеност кај младите се движи од 38,8 проценти во Црна Гора до 54,3 проценти во Босна и Херцеговина. Овие проблеми делумно го одразуваат тешкото закрепнување на регионот ЈИЕ6 од глобалната финансиска криза, која придонесе за нагло зголемување на веќе високата невработеност кај младите, наведе Светска банка.

Проблемот детектиран, има решенија

Истражувањата покажуваат дека младите во Македонија имаат проблеми при преминот од образовните институции на пазарот на труд. Спас се бара во кариерните центри, бизнис – инкубаторите, практиканството.

-Вештините што се добиваат на училиште и факултет генерално не одговараат со она што го бараат работодавците на пазарот на труд. Има долг период на адаптација. На работодавците не им се допаѓа она што го гледаат кај младите кога првпат ќе ги вработат. Тие веднаш сакаат готов кадар, а на младите им е потребно искуство за да можат да станат готов продукт, тоа е еден магичен круг, вели Дамјан Николовски, претседател на Националниот младински совет.

Искуствата говорат дека практиканството и волонтирањето треба да се применува уште за време на образовниот процес.

-Младите мислат дека веднаш по завршувањето на факултетот ќе можат да се вработат, но не е така. Тие секогаш мора да се дообучуваат за одредени работни места. Младите и додека се на факултет треба да се дообучуваат преку практики и волонтирања за да ја зголемат својата цена на пазарот на труд, вели Александар Трпковски од невладиниот сектор.

Надлежните институции ги знаат решенијата на проблемот и подолг период ги спроведуваат активните мерки за вработување. Објавен е нов оглас, илјада млади невработени до 29 години добиваат можност за пракса и вработување во приватниот сектор, а од Агенцијата за вработување ќе добиваат месечен надомест од 6.200 денари за покривање на патните трошоци.

-Ги повикувам младите да се пријават за оваа програма за да добијат можност да се вработат во компанијата каде биле на пракса или во слична компанија, вели Влатко Поповски, директор на АВРМ.

Од 2009 година преку оваа програма на пракса биле 3.157 луѓе, од кои 1.882 се вработиле или 60 проценти.