Македонија

Критики за економските реформи не се добредојдени Се обидува ли Тевдовски да ги замолчи медиумите за поскапувањата?

Се обидува ли Тевдовски да ги замолчи медиумите за поскапувањата?

Министерот за финансии Драган Тевдовски апелира до медиумите ако не биле стручни, да не манипулирале со темата зголемување на акцизата за дизелот, објави порталот „Плусинфо“.

Апелираме посебно до медиумите, ако не се стручни, да не манипулираат на оваа тема, кажал Тевдовски на денешната расправа по Предлог- буџетот за 2018 година со бизнисмените, во врска со зголемувањето на акцизата за дизелот.

Дали ваквиот апел на министерот значи негов благ првичен обид за цензура, односно замолчување на медиумите, само затоа што веста за зголемување на цената на дизелот, критички се опсервираше во најголем дел од јавните гласила, а дополнително голема дебата, со која се критикува овој владин потег, се разви како на социјалните мрежи така и кај стручната јавност.

Додека здраворазумната логика наведува дека оваа одлука е во насока на осиромашување, на и онака сиромашните граѓани во државава, но и спротивно од тоа што го ветуваше владејачката партија пред да стане власт. Тевдовски одлуката ја брани дека со тоа ќе се полнел државниот буџет, но и дека посуштинско било тоа што наводно овој потег е препорака од ЕУ за заштита на животната средина и намалување на загадувањето.

Сепак, вешто ја избегна вистинската поента за оваа одлука, а тоа е дека зголемувањето на акцизата за нафата од три денари ќе значи поскапување на речиси се’. Поскапената нафта ќе доведе до зголемени цени на храната, транспортот и сите други услуги, а проблемот со загадениот воздух, моментно, не е најпаметно да се решава врз грбот на граѓаните.

Две третини од вкупната потрошувачка на нафтени деривати отпаѓа на дизел горивото, покажува последниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика, а експертите предупредуваат дури и на опасност од инфлација.

Во одбрана на најавената мерка што стапува на сила со првиот ден од новата 2018 година, советникот на министерот, Бранимир Јовановиќ, на својот „Фејсбук“ профил излезе со став дека поскапувањето на дизелот немало да се одрази по сиромашните граѓани, бидејќи тие не возеле автомобили?! Небулоза која може да се поистовети и со друга крајност, дека можеби и гладните нема да бидат засегнати бидејќи и онака немаат пари за храна?

Исто така, тој тврди дека покачувањето на акцизата на дизелот немало да доведе до општ раст на цените, туку дека општото ниво на цени ќе се зголемеле за околу 0.2-0.3 отсто. Значи, на крајот повторно калкулира со проценти, па сега, ќе се зголемат цените или не?

Ви го пренесуваме неговиот статус во целост:

Неколку работи околу акцизата на дизелот

1. Дизелот во Македонија е меѓу најевтините во Европа и убедливо најевтин во регионот. Литар дизел кај нас е околу 0.8 евра, во Бугарија и Косово е околу 1 евро, во Србија и Албанија околу 1.3 евра.

2. Разликата меѓу дизелот и бензинот кај нас е една од највисоките во Европа. Кај нас дизелот е поевтин од бензинот за околу 15-20%, во развиените европски земји нивните цени се приближно исти.

3. Акцизата на дизелот во Македонија е многу пониска од она што ЕУ го препорачува. ЕУ препорачува акцизата на дизелот да не е пониска од 33 евро-центи (20 денари), кај нас акцизата е 20 центи (12 денари).

4. Покачувањето на акцизата на дизелот може да придонесе за намалување на загадувањето. Со поскап дизел, на луѓето ќе им биде поисплатливо да користат алтернативни енергенси кои помалце загадуваат, како плинот.

5. Покачувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди најсиромашните. Дури 60% од сиромашните домаќинства во Македонија немаат автомобил. Најмногу ќе бидат погодени оние кои возат повеќе, а тоа се пред сѐ побогатите.

6. Покачувањето на акцизата на дизелот нема да доведе до општ раст на цените. Анализите покажуваат дека 3 денари повисока акциза на дизел ќе го зголеми општото ниво на цени за околу 0.2-0.3%.

7. Зголемувањето на акцизата на дизелот за 3 денари ќе донесе околу 30 милиони евра во буџетот. Тоа се 30 милиони евра повеќе за здравство, образование, социјална заштита, гасификација…

Откако ваквото негово објаснување како обид на популистичко политикантство, наиде на остри реакции во јавноста, тој се пожали на говор на омраза и лични напади без аргументи, па повика на љубов. Односно, на нападите, тој решил отсега да одговара со љубов!

Додека Тевдовски ги замолчува медиумите да не коментирале ако не биле стручни за нивните „економски реформи“, јавноста е сведок на досегашната „стручност“ на првиот човек во Министерството за финансии.