Се обучуваат првите осигурителни агенти за проценка на штети при земјотрес

Во рамки на подготовките за старт на Европа Ре програмата извршена е обука на специјален тим на набљудувачи на штети (собирачи на информации) кои ќе бидат дел од процесот за обесштетување во случај на природни катастрофи и временски непогоди кој стои позади производите за осигурување поддржани од Европа Ре. Обуката се одржа на 31 март 2014 во Скопје. Сите оние кои ќе ги положат стандардизираните тестови по завршување на тренингот, ќе добијат официјална сертификација за завршување на обуката.

„Преку овие обуки, кои се базираат врз точно утврдени протоколи на Европа Ре, набљудувачите на штети добија соодветни знаења и експертиза кои им овозможуваат, во случај на природна катастрофа, на ефикасен начин да придонесат за иновативниот процес на далечинска проценка на штета поддржан од Европа Ре. Овој нов процес ќе овозможи брзо и транспарентно обесштетување (решавање на осигурителни барања) за граѓаните,“ вели проф. д-р Паоло Базуро, експерт на Европа РЕ за моделирање на ризици и инженерство.

На учесниците на обуките за агенти за продажба им се обратија и претставници на Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Центарот за управување со кризи на Република Македонија, при што посебно ја истакнаа поддршката која домашните институции ја даваат на формирањето и функционирањето на новиот систем за осигурување. По завршувањето на тренинг – сесиите, што се дел од програмата за акредитација на Европа Ре, сите осигурителни агенти добија соодветен сертификат со кој се потврдува нивната стручност при извршувањето на задачите во рамките на новата инфраструктура за осигурување од природни катастрофи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.