Се очекува фудбалска убавица во Лигата на шампионите

Продолжетокот од најелитното фудбалско натпреварување на Стариот континент нуди неколку одлични дуели, но сите тие се во сенката на пресметката меѓу Реал Мадрид и Пари Сен Жермен, бранителот на титулата и еден од најголемите претенденти на неа, а во тие рамки и ривалитетот меѓу Кристијано Роналдо и Нејмар.

Реал Мадрид е единствениот клуб кој ја одбранил титулата откако постои овој формат на натпреварување во Лигата на шампионите, но прашањето е дали има сила да ја освои и третата титула во низа. Во националното првенство е на четвртата позиција со повеќе од десет бодови заостанување зад најголемиот ривал Барселона, во националниот Куп на Кралот веќе е „поранешен“ победник, па така ќе се обиде сезоната да ја спаси во Лигата на шампионите.

Од друга страна, пак, како што и самиот призна тренерот на „кралевите“, Зинадин Зидан, парижаните од година в година играат се’ подобро во ЛШ, се трансформираат и имаат неверојатна сезона. ПСЖ убедливо води во францускиот Ле Шампионат, во 25 кола неговите напаѓачи постигнаа дури 76 голови, но вистинскиот тест за нив претставуваше победата над Баерн Минхен.

Дуелот меѓу Реал и ПСЖ се очекува со нетрпение и поради двобојот меѓу Роналдо и Нејмар. Бразилецот, со искуство од Барселона, повторно ќе игра против стариот ривал, но истовремено и клуб кој сака да го доведе во своите редови.

Кристијано Роналдо е водечки стрелец во ЛШ оваа сезона со 9 голови, но и вкупно во историјата на натпреварувањето со 114 погодоци. Последните натпревари во Ла Лига покажаа дека влегува во форма, а тоа го прави Реал голем фаворит, особено на неговиот „Сантијаго Бернабеу“.

Нејмар минатото лето од Барселона се пресели во Париз за 222 милиони евра. Досега во 27-те настапи за ПСЖ постигна 28 голови и се наоѓа во одлична форма. Според француските медиуми, веднаш по доаѓањето во новиот клуб првите денови не бил среќен, бидејќи му станало јасно дека ПСЖ на организациско ниво е далеку зад Барселона, а квалитетот на лигата во Франција е значително понизок отколку во Шпанија, а почувствувал и непријателство во соблекувалната. Но бразилските медиуми кои со голем интерес ја следат неговата игра во годината кога се игра светскиот шампионат, деновиве пишуваат дека сето тоа е сега е минато и оти Нејмар „конечно ужува, а тогаш е најопасен“.

Реал и ПСЖ досега одиграле шест натпревари. Двата противника имаат по две победи, а два меча завршија без победник. Пред две сезони играа во фазата по групи, во Париз мечот заврши без победник и без голови, додека во Мадрид „кралевите“ со голот на Начо славеа минимално со 1:0. Во 1993 година се сретнаа во четвртфиналето од тогашниот Куп на УЕФА, ПСЖ дома победи со 4:1, а во Мадрид беше поразен со 1:3.

Во вториот меч вечерва силите ќе ги одмерат Порто и Ливепрул. Досега меѓусбено играле четири пати, двапати славеше англискиот претставник а два дуела завршија без победник.

Зад Ливерпул е турбулентнот јануари во кој забележа пораз од фенерџијата во Премиер лигата, Свонси Сити, и испадна од најстарото светско фудбалско натпреварување ФА Купот. Во англиското првенство е на третото место без шанси да ја освои титулата, но со реални шанси да избори пласман во Лигата на шампионите и следната сезона. Порто, пак, води во португалското првенство со два повеќе од големите ривали Бенфика и Спортинг.

Порто има многу проблеми со повредените играчи. Сигурно нема да игра Фелипе, а не се сигурни за вечерва ниту Иван Маргано, Андре Андре и Винсент Абубакар, додека кај Ливепрул нема да истрча суспендираниот Емре Чан.