Се очекуваат апсења за убиството на српскиот новинар Чурувија

Обвинението против налогодавецот, организаторот и извршителот на убиството на новинарот Славко Чурувија е напишано и ќе биде објавено следната недела, објави српскиот весник „Данас“.

Како што пишува весникот повикувајќи се на извори од државниот врв на Србија, следната недела ќе бидат извршени и апсења поврзани со случајот.

Во обвинението се наоѓаат сите кои се вмешани во убиството на новинарот, од оперативците преку оние кои го организирале тој злочин до оние кои го наредиле. Сите лице кои се наоѓаат во Србија се под строг надзор на надлежните државни органи, за да се спречи евентуално нивно бегство пред апсењето наредната недела.

Налогот за акција пристигнал од самиот врв на државната безбедност, а довршувањето на обвинението за овој случај – еден од најмрачните нерешение тајни во Србија од времето на режимот на Слободан Милошевиќ и Мирјана Марковиќ – стана можно „откако се појави сведок кој направи пресврт во целата ситуација“, наведуваат српските медиуми.

Чурувија беше убиен во април 1999 година од две маскирани лица пред неговиот дом во Белград.