Се одбележуваат 142 години од раѓањето на Гоце Делчев

Сто четириесет и две години од раѓањето на Гоце Делчев ќе бидат одбележани денеска со панихида во црквата „Св.Спас“ во Скопје, каде што се наоѓа неговото вечно почивалиште.

Панихидата, како што најави Меѓународна манифестација „Гоцеви денови“, ќе ја одржат свештеници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ќе настапи мешаниот градски хор „Вардар“, а цвеќе пред саркофагот на Гоце ќе положат делегации на државни и локални институции, општини и здруженија на граѓани.

Свежо цвеќе ќе биде положено и пред спомениците на Гоце Делчев на плоштадот „Македонија“ и во Градскиот парк.

Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар меѓу народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задрганичен претставник на ВМРО во Софија.

Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница.