Се одложува почетокот на вториот дел од кугларската лига

Вчера во кугланата Мусандра, Претседателот на кугларската федерација на Македонија, Александар Бичиклиски оствари средба со претставниците на Иницијативниот одбор на играчите во кугларските клубови, околу проблемите кои настанаа со трансферот на играчот Бојан Влакевски и правото за настап за друг клуб.

На средбата беше дискутирано за можните решенија и начини за излез од оваа состојба преку постигнување на решение прифатливо за сите страни во овој случај.

На состанокот е донесена одлука почетокот на вториот дел од првенството, кое требаше да започне овој викенд, да биде одложен до решавање на спорот околу настапот на Бојан Влакевски. Во понеделник ќе се одржи состанок во Агенцијата за млади и спорт, каде сите инволвирани страни ќе ги презентираат нивните аргументи пред стручни лица вработени во оваа институција, по што ќе се донесе арбитражна одлука околу случајот Влакевски.

Покрај ова, Бичиклиски на оваа средба најави и почеток на активностите и подготовките за одржување на редовното Собрание на кугларската федерација на Македонија кое ќе се одржи по завршувањето на регуларната сезона.