Се одложува примената на новиот Закон за високо образование

На претходно барање на Универзитетскиот Сенат при Универзитетот Свети Кирил и Методиј, денес се оствари средба помеѓу претставници на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во чија што делегација беа и претставници на Професорскиот и на Студентскиот пленум, и претставници на Владата на Република Македонија предводени од претседателот на Владата, Никола Груевски, министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

-Средбата е дел од иницираниот дијалог помеѓу Владата и универзитетите за унапредување на квалитетот во високото образование. На средбата и двете страни изразија подготвеност за одложување на примената на последните измени на Законот за високото образование за една година, меѓу кои што и одложување на спроведувањето на државниот испит за една година и за спроведувањето на обврската за објавување на научни трудови во списанија со импакт фактор за две години. Во меѓувреме, беше договорено во периодот што следи да продолжи дискусијата на ниво на работни групи од двете страни во насока на подобрување на пакетот закони за реформи во високото образование, односно носење на нов закон за високо образование. Владата изразува отвореност и подготвеност низ еден поширок транспарентен и инклузивен процес заедно со релевантните чинители заеднички да се работи на градење на квалитетен систем на високо образование, се вели во соопштението од Владата.

Оттаму информираат дека се благодарни за конструктивниот пристап на универзитетите, односно професорите и студентите и за нивниот досегашен и иден придонес во унапредување на стандардите и квалитетот во високото образование.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.