Се одложи судењето за Божиновски

Судењето за новинарот Зоран Божиновски коешто требаше да се одржи денеска во 10 часот, повторно се одложи бидејќи судијката што го води овој случај, Сандра Крстиќ е на боледување, а случајот се очекува да го преземе судијката Ленка Давиткова.

Како што информираат од Основниот суд Скопје 1, преземањето на случајот е во процедура и деновиве Давиткова треба да го преземе овој предмет.

Од Судот во понеделникот испратија соопштение до јавноста во кое се вели дека судијката Сандра Крстиќ од лични и семејни причини побарала да биде прераспоредена во друг оддел за да не се одолговлекуваат судските постапки и итно да се постапува по притворскиtе предмети.

На нејзино место од Одделот – Кривично полнолетни е префрлена судијката Ленка Давиткова и таа ќе ги преземе сите предмети на Крстиќ.

На местото на Давиткова пак е прераспределен судијата Васил Динковски од Одделот – Претходна постапка.

Минатиот пат судењето за Божиновски беше одложено затоа што Основниот суд Скопје 1- Скопје не можеше да ги добие доказите бидејќи предметот „Шпион“ беше на јавна седница во Апелациониот суд.

Божиновски беше дел од предметот „Шпион“, но постапката за него беше раздвоена бидејќи тој беше недостапен.

Осудените се товарат дека се занимавале со шпионажа, но и со уцена на влијателни личности во Македонија од кои барале пари за да не им објават детали во јавност од нивните приватни животи.

Во меѓувреме, надлежноста над предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство кое на јавната седница на Апелација ги отфрли сите жалби на обвинетите и единствено побара да им се намалат затворските казни на осудените.