Се одржа 15-то Литературно матине за деца

Во Домот на култура „Илинден“, во рамките на 15-та јубилејна Литературна манифестација „Илинден“ 2014, се одржа традиционалното Литературно матине за деца.

На годинешното јубилејно издание на Литературното матине пред учениците од трите основни училишта од Општина Илинден се претставија 14 писатели за деца и млади. Силните аплаузи од публиката беа наградата за секоја прочитана песна од Бистрица Миркуловска, Стојан Тарапуза, Перо Миленковски, Горјан Петревски, Македонка Јанчевска, Наум Попески, Христо Петрески, Александар Поповски, Велко Неделковски, Васко Мукаетов, Александар Кујунџиски, Ксенија Маказиева Трајчева, Анета Велковска Гилевска и Славка Арсова, омилените писатели на децата.

И оваа, како и изминатите години, жири комисијата составена од писателите за деца и млади ги избра најдобрите творби на учениците кои што учествуваа на конкурсот што го организираше Општина Илинден. На учениците што ги напишаа најдобрите три песни од секое училиште градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски им додели пригодни награди.

Пред одржувањето на Литературното матине, делегација на Општина Илинден и писателите за деца и млади го посетија гробот на поетот Драган Крушкаровски, при што положија свежо цвеќе. Пригоден говор за поетот во чија чест пред 15-ет години е зачната Литературната манифестација „Илинден“ одржа писателот Горјан Петревски.