Македонија

Се одржа првиот НВО базар во Скопје

Се одржа првиот НВО базар во Скопје

Првиот НВО Базар во Скопје се одржа вчера во НВО Инфо центарот на Град Скопје.

Истиот се организира во рамките на проектот за подобрување на локална демократија ДЕЦИДЕ (DECIDE – DEmocratic Compact: Improving Democracy in Europe).

На овој НВО Базар, повеќе од 15 локални здруженија на граѓани и фондации имаа можност на штандови да ги презентираат нивните активности и заложби како здруженија пред присутните. На базарот учество зедоа организации и фондации кои работат и имаат активности од областа на образованието, културата, екологијата, младинските политики, волонтаризмот и социјална помош.

Базарот за отворен го прогласија проект менаџерите на проектот ДЕЦИДЕ во Скопје,  Антонио Караланов и Александар Авукатов, кои дадоа осврт за учеството на Градот Скопје во овој меѓународен проект, неговото значење и добивките од неговата реализација.

Проектот за подобрување на локална демократија DECIDE (DEmocratic Compact: Improving Democracy in Europe) е во организација на Меѓународната асоцијација на локални демократии АЛДА (ALDA – The European Association for Local Democracy) и станува збор за проект кој е финансиски поддржан од фондовите на Европската Унија и Советот на Европа.

Во рамките на овој проект, претставници на Градот Скопје учествуваа на поголем број на меѓународни конференции, каде се дискутираше за добрите практики за соработка на локалната самоуправа со здруженијата на граѓани, како и можноста реализација на програми и активности со големо учество и помош на граѓаните и невладиниот сектор, со што би се придонело за зголемување на непосредното учество на граѓаните во процесот на носењето и имплементирањето на одлуките на ниво на локалната самоуправа.

На еден од овие конференции и во рамките на активностите од овој проект, од големиот број на понудени мерки за подобрување на соработката со здруженијата на граѓани, Градот Скопје ја одбра мерката “НВО БАЗАР” за реализирање во Скопје. Овој вид на манифестации се одлична можност за здруженијата на граѓани и фондации да се претстават пред пошироката јавност и да ги презентираат нивните заложби и активности и вакви манифестации Градот Скопје ќе организира и во иднина.

Во овој проект, покрај Градот Скопје, учество зедоа и голем број на општини и здруженија на граѓани од Бугарија (Несебар, Благоевград), Романија (Општина Годени), Словенија (Асоцијација за развој на волонтеризам – Ново Место), Словачка (Општина Банска Бистрица и Центар за општествено организирање), Италија (Регио Емилија), Малта (Биргу) и Босна и Херцеговина (Приједор, Завидовци) и Унгарија (Национален универзитет за јавни служби, Општина Ујбуда – Град Будимпешта).