Се откажува ли ЛДП од Жерновски?

Јавно го прашуваме градоначалникот, дали овој урбанистички план стана „проблематичен
Јавно го прашуваме градоначалникот, дали овој урбанистички план стана „проблематичен" откако под притисок на јавноста и стручните лица мораше да ја отстрани локацијата за бензинска пумпа наместо пазарчето во Буњаковец?, реагираат од Министертсвото за транспорт и врски

Иако е член на Централниот одбор на Либерално-демократската партија, градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, не присуствуваше на состанокот на одборот во четвртокот вечерта. И додека неговата партија ги утврдуваше критериумите за кандидирање за претстојните локални избори, Жерновски не пропушти шанса да каже пред медиумите дека очекува поддршка од СДСМ каде и ја поднесе својата кандидатура, пишува Дневник.

Во меѓувреме, по состанокот на одборот, членот на ЛДП, Дејан Блажевски, за кој извори на „Дневник“ велат оти е близок пријател со Жерновски, излезе со тврдење дека состанокот минал во екстремно тензична атмосфера која завршила и со тепачка.

Претседателот на партијата, Горан Милевски, за „Дневник“ објаснува дека зборовите на Блажевски се целосно измислени, односно дека инцидент се случил, но надвор од просториите на партијата, на улица, и немало никаква врска со внатрепартиските разговори за време на состанокот.

– Разочарани сме од обидите на некои од членовите на партијата со приказните за инциденти да прикажат несогласувања и раздор во партијата, во суштина с` мина во најдобар ред, правилникот за локалните избори едногласно се изгласа, а исто и критериумите за кандидирање – објаснува Милевски.

Според извори на весникот, ова се обиди на крилото блиско до Жерновски да наметне слика во јавноста за внатрепартиско распаѓање во случај кога е свесен, како што велат, оти ја изгуби нивната поддршка за локалните избори. Во врска со ова Милевски вчера објасни дека с` додека не бидат распишани локалните избори, роковникот за поднесување кандидатури нема да биде отворен. Дури по ова ќе се одлучува кој кандидат ќе биде поддржан.

Kако што објави „Дневник“, иако Жерновски е еден од четворицата кандидати за градоначалник на Центар од СДСМ, сепак не ја ужива поддршката од лидерот Зоран Заев.

И покрај тоа што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и раководството на партијата најверојатно ќе го поддржат директорот на „Паркинзи на општина Центар“, Саша Богдановиќ, за кандидат за иден градоначалник, Жерновски за „Дневник“ изјави оти верува и очекува дека токму тој ќе го добие ветерот во грб од „Бихаќска“ во трката за нов мандат.

– Според најновите истражувања, две третини од граѓаните на Центар ја поддржуваат мојата работа и верувам дека тоа е доволна причина за нова кандидатура. Секако дека ја очекувам поддршката од СДСМ за мојата кандидатура и така ќе биде – ни изјави тој пред десеттина дена.

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ НАЕСЕН?

Во врска со одржувањето на локалните избори, с` поверојатно е нивно одложување за септември-октомври. Извори за „Дневник“ велат оти сите партии во моментот се концентрирани на формирањето влада, па с` поголеми се веројатностите локалните да се одржат наесен.