Се отвараат уште нови работни места

места

Активните политики за вработување му овозможија на домашниот приватен сектор и во време на политичка криза да успее да се развива и да отвора работни места, што продонесе невработеноста во земјава да падне на 24%.

Нови странски инвестиции во Македонија

Во Македонија влегуваат нови странски инвестиции. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најави четири СДИ кои ќе креираат 1.300 нови работни места.

Првата инвестиција е на чешката компанија „Локо транс“. Се работи за инвестиција од 20 милиони евра во погон за одржување шински возила. Планот на Чесите е од Македонија да го покриваат регионот, а вкупно е предвидено да се отворат 600 работни места.

Втората инвестиција е на американска компанија од осигурителниот сектор, која во Битола планира да отвори канцеларија и да вработи 300 работници.

„Оваа компанија обезбедува техничко – административна поддршка на осигурителната индустрија, маркетинг услуги, а преку социјалните медиуми и медицинско кодирање на итни центри за грижа во Америка. Она што е предност е што ќе се вработат млади и добро квалификувани дипломци“ – рече Груевски.

Третата инвестиција е во Крива Паланка. Словенечка компанија планира производство на ранци за деца кои ќе ги пласира на европскиот пазар.

Четвртата инвестиција е на веќе добро познатата компанија „Амфенол“. Американците во Кочани почнуваат со изградба на нов, четврти погон за автомобилски делови. Инвестицијата ќе креира 400 директни работни места, со што оваа компанија во Македонија ќе дојде до вкупно 2.500 вработени.

Дел од причините зошто Македонија успева и во време на политичка криза да привлече странски инвестиции, кои несомнено би биле многу поголеми во еден нормален амбиент, се добрите политики и стратегија кои се признаени од повеќе меѓународни финансиски институции.

„Напредокот на македонската економија е можност за привлекување нови инвестиции во земјава. Високата позиција во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка е шанса за влез на големи корпорации и звучни индустриски гиганти. Граѓаните ќе го почувствуваат бенефитот со зголемувањето на стандардот кој ќе биде добиен од нови вработувања и раст на економијата“ – објаснува универзитетскиот професор Томе Неновски.

„Бизнис – климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Активните мерки ја топат невработеноста

Активните мерки за вработување, особено проектот „Македонија вработува“, се покажуваат како полн погодок. „Македонија вработува 1“ креираше 18.500 нови работни места. Невработените дојдоа до можност да заработуваат и редовно да примаат плата, додека компаниите беа ослободени од плаќање персонален данок и социјални придонеси, со цел да се стимулираат да го прошират бизнисот.

Според пресметките, за едно отворено ново работно место преку проектот „Македонија вработува”, заштедата на компаниите изнесува околу 1.500 евра.

„Малите и средните компании имаат голема можност да продолжат на долг рок да вработуваат луѓе, но и на некој начин да ја обезбедат својата долгорочност или водење бизнис на подолг рок“ – објаснува Миле Бошков од Бизнис -конфедерацијата на Македонија.

„Ние како синдикат долго време се боревме како и на кој начин да обезбедиме егзистенција за повозрасната категорија работници, на работниците кои како резултат на притисокот на транзицијата останаа без работа“ – оцени првиот човек на ССМ, Живко Митрески.

Последните податоци покажуваат дека преку продолжението на проектот, односно „Македонија вработува 2“, се веќе отворени повеќе од 1.500 работни места.

Што покажуваат бројките?

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност во земјава изнесува 24%, историски најниско досега. Огромна е разликата ако се направи споредба со бројките од мандатот на СДСМ.

Во 2003, 2004, 2005 и 2006 година стапката на невработеност изнесувала 36,7%, 37,2%, 37,3% и 36%.

„Сигурно се сеќавате на времето кога слушавме само вести во кои фабрики се затвораа, работници се отпуштаа од работа. Ние, дури и во состојба на криза, го намалуваме бројот на невработени и носиме инвестиции, подобрувајќи ја бизнис – климата“ – вели Груевски.

Компаниите имаат потреба од работници!

Анализите и истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека компаниите во земјава имаат потреба од кадар. Се бараат различни профили. Лидер Ви го носи прегледот.

Со завршено високо образование: програмер, информатичар, систем-адманистратор, развивач на софтвер, инженер на софтвер, графички дизајнер, инженер за организација на производство, градежен инженер, машински инженер, архитект, фармацевти, технолози, маркетинг агенти, сметководители, економисти во делот на финансиите, осигурувањето, банкарскиот сектор.

Со средно или вишо образование: техничари, администратори, оператори, комерцијалисти, правни менаџери, медицинска сестра.

Со средно и основно образование: шивач, ткајач, крзнар, продавач, заварувач, бравар, столар, магационер, возач, месар, пекар, келнер, готвач, работници во производство, зидар, чевлар, електричар, дистрибутер.

„Многу е поголем интересот за гимназиско образование отколку за стручно, недостигаат голем број стручни кадри“ – вели Ѓорѓи Кушевски од УСАИД.

„Изминативе години постојано се соочуваме со недостиг од работна сила“ – вели бизнисменот Петар Трајанов.

Извор: Лидер.мк