Се отвораат дисперзирани паралелки во осум општини на Спортската академија

Имајќи ги во предвид позитивните искуства и ефектите, како и интересот кој постои за спроведувањето на проектот Спортска академија, Владата одлучи да се прошири проектот што би значело и на почетокот би водело кон отворање на дисперзирани паралелки во осум општини низ државата каде постои потенцијал, но и интерес помеѓу младите луѓе за можностите кои ги нуди Спортската академија.

Од овие причини, денеска во Владата, премиерот Никола Груевски, во присуство на министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујовски, во рамките на заложбите на Владата за дисперзирање на Спортската академија, оствари средба со градоначалниците, или претставници, на општините Велес, Охрид, Струмица, Куманово Битола, Гостивар, Прилеп и Штип, како и со претседателите и претставници на националните фудбалска, ракометна, кошаркарска и тениска федерација.

Премиерот Никола Груевски ги запозна присутните градоначалници со овој владин проект, и ги истакна идеите на Владата за формирање паралелки од Спортската академија во овие осум општини.

Тој истакна дека во рамките на Спортската академија доаѓа до квалитативно поврзување на едукацијата, преку која од една страна учениците преку учење и тренинзи се фокусираат на спортската материја, но паралелно со тоа тие стекнуваат и знаења и вештини од областа на другите образовни конвенционални предмети кои се битни за нивното општо образование и кои се значајни од аспект на нивното понатамошно продолжување на образованието во системот на високо образование.

Премиерот Груевски посочи дека на почетокот е предвидено да се отвори по една паралелка по фудбал во сите осум општини, а втората паралелка која би била отворена би опфаќала спорт кој е застапен во Спортската академија (ракомет, кошарка, тенис) кој би го избрале самите општини, врз основа на нивните гледишта, интересот на јавноста, инфраструктурните услови и можноста за обезбедување на стручни спортски лица од овие области кои би учествувале во наставата и би ги пренесувале своите знаења и вештини на учениците.

Градоначалниците, или претставниците на општините Велес, Охрид, Струмица, Куманово Битола, Гостивар, Прилеп и Штип, го поздравија и позитивно го оценија проектот и заложбата на Владата за дисперзија на Спортската академија и изразија подготвеност да се вклучат во реализација на проектот.

Беше предвидено да преземат мерки и активности со цел наставата на дисперзираните паралелки на Спортската академија од областа фудбал, и од областа на вториот избран спорт, во овие 8 општини, да започне од учебната 2014/2015 година. Истовремено беше договорено во текот на следната недела претставници на централната и локалната власт и на спортските федерации да пристапат кон оперативна реализација на проектот, при што треба да се дефинираат деталите во врска со учеството на субјектите во финансирањето на паралелките, училиштата во односните општини во кои непосредно ќе се изведува наставата и во кои ќе бидат лоцирани паралелките, определување на принципите и актите за запишување и селекција на учениците и за изведување на наставата, анализата за обезбедување на стручни спортски лица кои би се вклучиле во наставата и останати аспекти кои треба да се прецизираат со израз на волја на сите засегнати и вклучени странки.

Владата по согледувањето на искуствата од реализација на овој проект во врска со првичната дисперзија, во идниот период ќе ги анализира можностите за отворање на дополнителни паралелки во други спортски области кои ги покрива Спортската академија во овие осум општини, како и можностите за отворање на спортски паралелки и во други општини во државата.