Се подготвува нов закон за тргување со половни возила

Министерството за економија во првата половина на овој месец треба да изготви предлог за измени на Законот за трговија , со кои ќе се оневозможи граѓаните да увезуваат автомобили а потоа да ги продаваат на домашниот пазар, пишува весникот Вечер.

Според сегашната регулатива, трговија со моторни возила можат да вршат физички и правни лица кои што се регистрирани за трговија со употребувани моторни возила во Централниот регистар. Сепак, во пракса, освен регистрираните дилери за трговија со употребувани возила, половни возила продаваат и физички лица кои возилата ги увезуваат за лични потреби а потоа ги препродаваат на домашниот пазар.

Според министерството за економија, овие граѓани се нелојална конкуренција на регистрираните дилери и поради тоа ќе биде подготвен нов закон кој треба да помогне во сузбивањето на сивата економија во државата, пренесува весникот.

Дилерите на половни автомобили се задоволни од најавените измени кои ќе им помонат да се ослободат од нелојалната конкуренција на пазарот, за која што велат, остварува 50-70 проценти од  вкупниот промет.

Дека тргувањето со употребувани моторни возила е исплатлив бизнис , односно дека се намалува продажбата на нови автомобили, говорат и податоците од Царинската управа на Македонија според кои  во првите два месеци од годинава се увезени  3 096 патнички возила, од кои само 428 се нови.

Минатата година пак, биле увезени 35 107 од кои дури 29 558 илјади биле половни.