Се подготвува Центар за заштита на жените жртви на сексуално насилство на тајна локација

Македонија се подготвува за ратификација на Истанбулската конвенција која предвидува поголема заштита на жртвите од семејно насилство, a во рамките на тие подготовки предвидено е на тајна локација да биде отворен центар за заштита на жените, жртви на сексуално насилство кој ќе располага со стручни кадри кои ќе работат со штитеничките, најави во четвртокот министерката за труд и социјална политија, Мила Царовска.

Треба да бидат формирани и здравствени центри за жените – жртви на насилство во рамки на општите болници во Скопје, Куманово и Тетово.

Проектот, меѓу другото, има за цел и развивање на рамка за координиран и стратешки пристап за справување со насилството врз жените и девојчињата, како и исполнување на стандардите на конвенцијата за соодветно и ефективно обезбедување на соодветни услуги.

Со цел подготовка на земјата и другите релевантни ресорни институции за ратификација и имплементација на Истанбулската конвенција, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Програмата за развој на Обединетите нации ја најавија реализацијата на проектот: Подготовка за ратификација на Истанбулска конвенција – Усвојување на подобри политики и пракси за елиминација на насилството врз жените.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска извести дека се започнати подготовките и координацијата со останатите релевантни институции и меѓународни организации со цел отворање Центар за жртви на сексуално насилство, во кој жртвите на овој вид насилство ќе добијат психосоцијална поддршка, и помош за нивна ресоцијализација и реинтергација.

„За функционирање на овој Центар согласно меѓународните стандарди за човекови права, ќе се изработаат интерни документи, кои се однесуваат на постапките и процедурите на упатување, сместување, престој, правила за однесување на ангажираниот персонал, протоколот за заштита и сл. Ќе бидат изработени протоколи за постапување со жртви на сексуално насилство согласно законските обврски и обврските од Конвенцијата“, рече Царовска.

Министерот за здравство, Арбен Таравари истакна дека Истанбулската конвенција ќе биде голем чекор напред кон елиминација на насилството врз жените и дека овој проект ќе придонесе за подигнување на свеста и ќе ги елиминира предрасудите кон родово базираното насилство.

„Во оваа прилика сакам да изразам благодарност и до Програмата за развој на ОН, кој е стратешки партнер на Македонија во оваа област. Министерството за здравство е отворено за соработка и во континуитет ќе ја обезбедува потребната поддршка во овој процес“, рече Таравари.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН, Луиза Винтон, истакна дека Истанбулската конвенција претставува инструмент на меѓународното законодавство кој може многу да помогне во борбата за елиминирање на насилството врз жените.

„Поддршката на ратификацијата и имплементацијата на Конвенцијата е приоритет на сите агенции на ОН, присутни во државата. Затоа, сум горда дека го започнуваме овој проект, сега и тука, заедно со нашите два владини партнери“, остакна Винтон.

Проектот стартува со преглед на моменталната состојба и предложување на рамка за собирање на податоци за следење на семејното и сексуалното насилство согласно стандардите на Истанбулската конвенција. Исто така, покрај Центарот за жртви на сексуално насилство кој ќе го отвори МТСП, проектот иницира отворање на три пилот – центри за упатување на жртвите на сексуално насилство лоцирани во здравствени установи во Скопје, Куманово и Тетово, како и развивање на протоколи за функционирање на центрите.

Во рамките на проектот ќе се организираат експертски дебати и обуки за сите релевантни страни, како и истражување за алтернативни модели на функционирање на шелтер центри за жртви на семејно насилство. Дополнително, меѓу планираните активности ќе биде и поддршката на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ преку која ќе се работи на подигнување на јавната свест и искоренување на предрасудите и негативните родови стереотипи.

Активностите се финансирани и имплементирани од Програмата за развој на Обединетите нации, а планирано е да финишираат до крајот на 2017 година.

Истанбулската конвенција воспоставува силна практична база за превенција, заштита на жените и девојчињата од насилство и прогон на насилниците. Овој документ има за цел да воспостави еднакви права помеѓу мажите и жените со тоа што ќе се елиминира родово базираното насилство.

Со ратификацијата на Истанбулската конвенција, од државата се очекува да воспостави правен и институционален систем кој ќе обезбеди превенција, заштита на жртвите на родово базирано насилство и прогон на сторителите. Сето ова ќе придонесе кон воспоставување на еднакви можности на жените и мажите и нулта толеранција кон било каков тип на родово базирано насилство.