Се помалку Американци ја поддржуваат смртната казна

Иако мнозинството Американци се уште ја поддржуваат смртната казна, овој дел од американската популација го достигна своето најниско ниво во последните четири децении или 56 проценти се за, а 38 проценти веќе се против, покажува истражувањето на центарот „Пју“, цитирано од француските медиуми.

Падот на бројот на приврзаници на смртната казна во САД е шест процентни поени во однос на 2011 година, кога тие изнесуваа 62 проценти. Овој пад почнал кон средината на 90-те години. Во 1996 година нивниот дел бил 78 проценти.

Аналитичарите сметаат дека главната причина за овој пад се демократите, меѓу кои поголемиот дел се за укинување на смртната казна. Сега само 40 проценти од нив ги поддржуваат егзекуциите,  во однос на 56 проценти во 2011 година.

Истражувањето беше изведено меѓу 1.500 лица, во периодот меѓу 25 и 29 март.

Сепак, 63 проценти од анкетираните се уште сметаат дека смртната казна е морално оправдана за тешките кривични дела, како убиствата, иако и 71 процент од Американците се загрижени од ризикот да се егзекутира невин човек.

Над половина Американци или 52 проценти сметаат дека има поголем ризик да се егзекутира црнец. Меѓу анкетираните, со ова мислење се согласуваат 77 проценти од црнците, 70 проценти од демократите и 60 проценти од луѓето со високо образование.