Сé помалку надежи за пронаоѓање преживеани

Надежите за пронаоѓање нови преживеани се намалуваат во мексиканската престолнина Сиудад де Мехико, три дена по земјотресот во кој загинаа околу 300 луѓе меѓу кои 20 деца во едно училиште, додека спасувачите се при крајот на силите.

Властите ги згаснаа малкуте надежи коишто ја држеа земјата во неизвесност, како и медиумите ширум светот. Под урнатините во училиштето „Енрике Ребсамен“ не се пронајдени преживеани.

„Сигурни сме дека сите деца се, за жал, или мртви или во болниците или во домовите“, изјави за новинарите министерот за морнарица Анхел Саримиенто. Во уривањето на ова приватно основно училиште дваесетина ученици на возраст меѓу 7 и 13 години, како и шест возрасни лица, ги загубија животите.

Во Сидудад де Мехико, мегалополис со над 20 милиони жители, повеќе десетици лица се сметаат за исчезнати, а нивните блиски се надеват дека ќе ги пронајдат живи под четириесетина урнати згради во престолнината, изјави градоначалникот Мигуел Анхел Мансеро.

Меѓутоа времето го има сé помалку пред истекот на кобните 72 часа. По нив експертите се согласни дека има минимални речиси никакви шанси да се пронајдат преживеани.

Според најновите податоци на локалните и сојузните власти, преброени се 282 смртно настрадани, и тоа 147 во Сиудад де Мехико, 73 во блиската сојузна држава Морелос каде беше регистриран епицентарот на потресот, 43 во Пуебла, 13 во сојузната држава Мексико, пет во Хереро и еден во Оахака. Меѓу загинатите се Тајванец, Шпанец и Панамка.