Се повеќе македонски компании се општествено одговорни

одговорни

Најголем број од компаниите кои аплицираа за оваа награда се од услужниот сектор, по што следуваат финансискиот и ИКТ секторот. Како и секоја година, така и оваа, најмногу проекти од пристигнатите 38 проекти, се во категоријата „вложување во заедницата“. Во споредба со минатата година, зголемен е бројот на апликации во категоријата „односи на пазарот“, а намален во категориите „однос кон вработените“ и „однос кон животната средина“, а непроменет останува во категоријата „Етичко управување“.

Според извршниот претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, македонските компании се општествено одговорни, но понекогаш за тоа не се свесни.

– Генерално, македонските компании се општествено одговорни меѓутоа мораме да признаеме дека за тоа тие не се свесни бидејжи воведуваат и спроведуваат практики кои се уште не успеале да ги препознаат дека можат да бидат од корист, односно им треба малку повеќе знаење и развивање на свеста за да ги препознаат добите практики за да можат да ги истакнат и да бидат нивна додадена вредност, изјави Бошков.

За министерот за економија Дритон Кучи, со развивањето на општествената одговорност, компаниите го подобруваат својот имиџ, односите со добавувачите и потрошувачите и ги мотивираат своите вработени.

– Целта на оваа награда е да промовира позитивни практики на општествена одговорност и притоа да инспирира воведување и натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија. А колку во тоа сме успеале говори и фактот што последните девет години вкупно 165 претпријатија пријавиле 499 практики кои ги спровеле и со кои ја демострирале својата одговорност покажувајќи дека нивната цел не е само создавање профит, туку и грижа за вработените и клиентите и зачувување на животната средина, истакна Кучи.

Компаниите за годинашната награда можеа да аплицираат од 3 јуни до 15 август, а нивните проекти беа оценувани од жири комисии од 16 претставници на јавниот, деловниот и граѓанскиот сектор. Годинава, од вкупно 38-те проекти,  една четвртина од апликациите беа поднесени од мали и средни претпријатија, а големите претпријатија поднесоа 29 проекти.

Најдобрите компании добија статуетка во форма на логото на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата (ООП), а оние компании кои влегоа во потесниот круг за избор, им се врачена плакета.