Се повеќе жени се охрабруваат да влезат во бизнис

Се повеќе жени се охрабруваат да влезат во бизнис
Се повеќе жени се охрабруваат да влезат во бизнис
Над четири проценти од вкупно вработените жени во Македонија имаат сопствен бизнис, а 12 проценти се на менаџерски позиции. Женското претприемништво се развива и се повеќе жени се охрабруваат да влезат во бизнис, а ги има во повеќе сектори.

Ова го истакнува во интервју за МИА Лидија Трипуноска, генерална менаџерка на агенцијата „Марили“, која неодамна го организираше по 20. пат изборот на најуспешни жени менаџерки во Македонија.

Жените кои влегуваат во приватниот сектор се исклучителни, храбри, силни, истрајни и упорни. Влегуваат во некој ризик. Влегуваат во бизнисот постепено, чекор по чекор, со мали инвестиции па постепено ги зголемуваат. Ако се лични компании, тоа се мали и средни бизниси, помалку ризикуваат и помалку трпат штета. Нивните мотиви за создавање компании се да го обезбедат своето семејство или да постигнат сопствена лична независност, финансиска и економска, вели Трипуноска.

Таа додава дека се забележува една поголема стабилност кај жените во бизнисот, што го покажува и нивната статистика.

– Од вкупно досега избрани 210 жени, ако ги одземеме 15 отсто кои заминале во пензија, значи 70 отсто се се уште активни дали во нивните компании или во други компании каде биле менаџерки, што зборува не само дека бил квалитетен изборот, туку дека и жената не доаѓа случајно на висока менаџерска позиција, односно таа е многу способна, многу едуцирана, квалификувана, голем професионалец, многу се бори и е многу квалитетна и затоа останува на висока менаџерска позиција, истакнува Трипуноска.

Додава дека жената ја има во разни сектори, како финансискиот, традиционално во текстилниот, како понови во кои се јавуваат се медицината, ИТ индустријата, односи со јавност, а во последните пет-шест години и во делот на туризмот и угостителството.

Според официјалните статистики, вдели дека во земјава има 12 проценти жени на менаџерски позиции  од сите вкупно вработени жени, околу 32 отсто се жени кои се во претприемништвото, меѓутоа тоа се семејни бизниси и најмалку жени има кои се со сопствени бизниси.

Порачува дека уште многу треба да се направи во делот на претприемништвото. Смета дека треба да се помага, преку фондови, дали домашни или надворешни, особено на младите кои се едуцирани и кои имаат претприемачки дух, а на кои им треба помош во делот на почетното финансирање.