Се повторува ли во бледа копија веќе виденото сценарио на СДСМ за дестабилизација?

Додека јавноста сеуште ја очекува најавената „бомба“ на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за која тој нагласи дека ќе биде објавена согласно стратегијата на неговата партија, државата почнаа да ја тресат сосема поинакви „бомби“. Полициските екипи почнаа со истрагата за можните сторители на подметнатите направи кои пред два дена експлодираа во полициските станици во Тетово и Куманово. Се на се, ова е веќе видено сценарио. Македонија повторно го доживува истиот СДСМ-овски филм од 2001 ва година, но актерите, а ниту пак условите во кои се одвиваат сите настани не се исти.

Весникот „Дневник“ пишува дека фактот што двете експлозии се подметнати во мултиетнички средини, какви што се Куманово и Тетово, доволно зборува дека инспираторите на нишан ги зеле мултиетничките односи иако како цел се одбрани полициски станици. Несеомнено, нивна процена е дека македонското општество е најранливо по меѓуетничките шавови и поради тоа миризбата на експлозивите таму најбрзо може да ги предизвика посакуваните реакции.

Симптоматично станува и тоа што на тетовско-кумановските експлозии им претходеше и појавувањето на непознати лица во црни униформи во регионот на тетовско на почетокот на минатиот месец, информациите дека вооружени лица патролираат во околината на скопско Арачиново, прогласувањето на таканаречената „Република Илирида“. Но, напоредно со ваквите појави во мултиетничките средини, кои имаат свое директно влијание врз безбедносната состојба во земјава на политички план од страна на опозицијата се најавува објавувањето на голема афера во форма на „бомба“, поради која актуелниот премиер ќе биде принуден да замине од функцијата. Комбинацијата на такви безбедносно политички случувања несомнено по многу нешта потсетува на тие што во 2001 вата му претходеа на воениот конфликт.

И тогаш во периодот јануари-февруари имаше сплет на настани, кои почнаа со објавувањето на политичката афера со околу 150 случаи на прислушување на видни личности од тогашниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски. Лидерот на опозицијата тогаш директно ја обвини Владата на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски.

Само пет дена подоцна, додека уште траеја политичките пресметки дали имало или немало прислушување , во тетовско Теарце со истрели од два ракетни фрлачи и со истрели неколку рафали од автоматско оружје беше нападната тамошната полициска станица. Парчињата од проектилот го усмртија полицаецот Момир Стојановски, а повредија тројца други. Три дена подоцна одговорноста за овој напад ја презеде тогаш непознатата ОНА.  Три дена подоцна, на 28 – ми јануари 2008 мата година во Зајас беше ракетиран патнички воз кој одеше на релација Скопје – Кичево. Во февруари истата година беше пукано во полицаец на Скопски Бит-Пазар, а кон крајот на истиот месец имаше и жестоки престрелки на македонско-косовската граница кај селото Танушевци. Овие настани му претходеа на Воениот конфликт од 2001 година, кој резултираше со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, а потоа и со смена на власта.

Интересно е тоа што по сите овие настани од 2001 вата година во мај истата година беше формирана техничка влада под името Широка коалиција за спас на Македонија во чиј состав влегува и СДСМ. Министрите од СДСМ поднесоа оставки на 22 ноември 2001 година, по што беа избрани нови министри во владата на премиерот Георгиевски.

Тринаесет години подоцна како да го гледаме истото сценарио, кое овој пат веќе избледело и неможе да го даде истиот резултат. Опозицијата веќе 7 месеци ја бојкотира работата на Собранието на Република Македонија, а меѓу четирите барања кои постојано се споменуваат за продолжување на политичкиот дијалог во земјава е и она за формирање на техничка влада.

– Услов број еден во преговорите со власта на Никола Груевски е формирање техничка влада што ќе спроведе слободни фер и демократски избори, тоа да е од сега јасно. Тоа е клучна тема на разговор помеѓу власта и опозицијата. Задача на таа техничка влада ќе биде да организира и да спроведе избори, на коишто граѓаните ќе можат слободно да ја изразат својата волја, изјави Заев на прес конференција кон крајот на јуни годинава.

Јавноста веќе навикна, по секој катастрофален пораз на избори СДСМ да излезат со тврдење дека изборите биле нефер и следствено на тоа да бараат техничка влада. За исполнување на ваквиот услов на опозицијата не постои ниту една издржана причина. Моменталните услови во државата, при неодамна одржани слободни и фер избори и демократски избрана власт не соодветствуваат на праксата во Македонија и во современите демократии за техничка влада, за формирање влада на широка коалиција, влада на национален спас или експертска влада. Не постојат ниту вонредни економски или безбедносни услови.

Покрај тоа, во изминатиот период Брисел упати јасна и недвосмислена порака до лидерот Заев, пратениците да се вратат во Собранието.

Додека јавноста е во исчекување на тоа да пукне „бомбата“ која ја најави Заев, земјата почнаа да ја тресат други и поинакви „бомби“.

Во септември годинава поранешниот лидер на ПДП Невзат Халили со своите истомисленици во Скопје објави создавање на т.н. Република Илирида. Веќе следниот месец во новата фасада на зградата на Владата на Република Македонија беа истрелани два проектила. Одговорноста за овој настан преку коминике објавено во Алсат и во албанските медиуми, ја презема ОНА. На почетокот на ноември лица во црни униформи им се заканувале на работниците што работеле на поставувањето на водоводот во Тетово.

Три дена подоцна лидерот на СДСМ, Зоран Заев од Битола најави дека има „бомба од аргументи за злоупотребите на власта во државата“.

На почетокот на овој месец, Алфа објави дека лидерот на СДСМ, Заев преку посредници го молел Али Ахмети да излезе од владината коалиција. Партиски извори откриваат дека тој тврдел оти ќе објави некои информации за владата кои ќе создадат тензии, но и ќе му отворат простор на албанскиот блок. Лидерот на ДУИ на ова, како што брифираа од Мала Речица, одговорил со порака – победи на избори со програма и добра понуда. Со хаотичност и деструктивни политики, ништо нема да добиеш.

Пред извесно време, во медиумите блиски до опозицијата беше објавено дека наводно власта прислушувала десетина новинари. Нешто што би требало да потсетува на аферата „Големото уво“ која избувна на почетокот на 2001-та година.

Мирка Велиновска во изјава за Нетпрес рече дека станува збор за радикални дејства кои имаат цел да ја дестабилизираат Македонија и опозицијата тоа го прави во континуитет.

– Последните настани, поготово последниот настап на господинот Заев е застрашувачки. Значи прво тој јавно објави дека има сценарио за дестабилизација на Македонија и секаде го активира, а во рамките на тоа сценарио упати и повик директен до ДУИ да излезат од Влада затоа што ги прогласи за фактор кој можат да ја дестабилизираат Македонија, да предизвикаат длабока криза и да ги доведат нив на власт без избори. Ова не е само кажан збор, ова е дејство. Ние сме веќе 7 месеци заложници, неможе да функционира нормално Законодавната власт, бидејќи немаме опозиција. Тоа ни го нарушува имиџот како држава надвор и го отвора патот за странска интервенција која почнува прво со олеснувачки мисии, а потоа завршува со мировни договори. Ние и во 2001- та имавме исто вакво сценарио, исто ваква фингерајка , само тогаш беше аферата Големото уво, а сега во недостиг на афери провоцираат. Ако некој сака да види што е фашизам, тогаш ова е тоа, вели Велиновска.

Како и да е, заклучокот кој може да се извлече од сево ова е дека сето ова што се случува е бледа копија на настаните од 2001 ва година. Моделот по кој функционира сценариото е горе-долу ист. Но, актерите и околностите во кои се одигрува сценариото се сосема различни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.