Се прецизираат деталите за авиолинијата Охрид-Белград

Се прецизираат деталите за авиолинијата Охрид-Белград. Во Министерството за транспорт и врски денес работна средба одржаа градоначалникот на Охрид, Никола  Бакрачески, ресорниот министер Владо Мисајловски и генералниот директор на  „Ер Србија “, Дане Кондиќ.

На средбата од страна на  претставниците на „Ер Србија“ беше искажана огромната благодарност до градоначалникот и министерот за брзата реакција и создавањето на услови уште во текот на ова лето да стартува авиолинијата Охрид- Белград што секако е многу значајна придобивка  за градот Охрид. Исто така беше разговарано и за можностите  и моделите кои што се на располагање со цел оваа линија да биде активна во текот на целата година.

Бакрачески пред еден месец, на покана од авио компанијата, одржа средба со менаџерскиот тим во соседна Србија. Тогаш беа првично разгледани можностите за воведување на оваа авиолинија  со што Локалната самоуправа ја потврдува стратегијата за  летови од и кон охридскиот аеродром  онака како што се најавуваше изминатите неколку месеци.

Оваа  авиолинија од една страна е значајна за Охрид за развојот на туризмот што би значело носење на туристи на охридската ривиера  од Србија но и од европските земји со кои белградскиот аеродром има конекции како и носење гости од Соединетите американски држави ако се земе во предвид  фактот  дека ќе стартува директната авиолинија Њујорк – Белград чии летови ќе бидат пет пати неделно. Од друга страна  оваа авиолинија ќе биде значајна  за нашите граѓани кои ќе  ги користат поволните можности да патуваат од странските дестинации до дома и обратно  преку белградскиот аеродром.

Потврда дека се важни проектите од ваков тип е и  воспоставувањето на двете редовни авиолинии, Охрид-Базел и Охрид-Лондон и обратно  кои стартуваа минатата година, а се плод на  заложбите на општина Охрид за туристички и локален економски раст и развој на градот.