Се предлагаат измени на Изборниот законик без нов датум за избори

избори

На дневен ред на 101 седница на Собранието, што спикерот Трајко Вељаноски ја свика по денешната одлука на Уставниот суд, е изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, со која се бришат членовите каде се предвидува одржување на предвремени парламентарни избори на 5 јуни. Нов датум за избори не се предвидува.

Предлог законот за изменување на Изборниот законик е поднесен од координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џаферии и тој не содржи нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори.

Во предложениот текст се наведува дека со предложените решенија во Изборниот законик нема да се предвиди точниот датум на одржување на предвремени избори за пратеници.

Засега ова е единствена точка на дневниот ред на седницата закажана за 16 часот.

Претходно денеска Уставниот суд на седница едногласно одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија од 18 јануари 2016 година и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.

Вељаноски информираше дека како претседател на Собранието на Република Македонија, имајќи го во предвид решението на Уставниот суд, У.бр.104/16 од 18 мај 2016 година и врз основа на сопствените надлежности дефинирани со Уставот на државата, за денеска во 16 часот ја закажува 101 седница.

Изрази, како што наведе, длабоко уверување дека натамошниот развој на демократските процеси во Република Македонија најдобро може да се оствари во Парламентот на Македонија заради што ги повикува сите пратеници независно од политичката определба да земат свое активно учество.

– Истовремено, го изразувам и своето силно уверување дека единствено преку постојано надоградување на меѓусебните односи помеѓу сите релевантни чинители во државата, на најдобар можен начин ќе се помогне во насока на остварување на носечките македонски стратешки приоритети какви што несомнено се, членството во НАТО и ЕУ, унапредувањето на стратешките односи со САД, како и создавањето на сите неопходни претпоставки за економски, социјален и сеопшт развој на Македонија, нагласува Вељаноски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.