Се пренасочува дел од коритото на Балталиска река за да се избегнат нови поплави во Лакавичко

Општина Штип продолжува со активностите за нормализирање на состојбата во Лакавичкиот регион пред најавените нови врнежи од дожд како последица на циклонски активности.

Моментално се работи на 4 локации, од кои приоритет е оспособување на сообраќајната врска кон Струмица кај Лакавица, кај мостот во близина на клучката кон село Балталија. Екипи на „Македонија пат“ работат на зацврстување на основите на мостот, а локалната самоуправа започна со пренасочување на коритото на Балталиска река. Исто така преземени се мерки и на мостот кон Неготино на 20-тиот километар:

– Целта е со враќањето на водите во оригиналното корито на Балталиска река, со утврдување на повисок брег, да се овозможи поголем прием на води. Освен најавениот дожд, проблем можат да бидат и снежните покривки, кои со зголемување на температурите, ќе се стопат и пак ќе се слеат тука. Ако успееме да ги насочиме тука, ќе се заштити и патот кон село Балталија а кој е оштетен и секако самиот мост. Од друга страна се прават нови времини премини за пристап на жителите од Пухче, Тантарци и Суво Грло. Се надеваме дека до петок ќе успееме да го релизираме ова, а по завршување на врнежите да се вратат во нормала постоечките премини, изјави Тоше Ѓоргиев, од кризниот штаб.

Ангажирана е механизација која работи на неколку локации. Во Штип се работи на коритото на Отиња, засилување на точките кои покажаа слабост, заштита на електричната инсталација во соработка со екипи на ЕВН, како и утврдување на колекторот на што работи ЈП „Исар“. Жителите на Лакавичко се задоволни од преземаните активности на градоначалникот и одговорните служби, но бараат забрзано да се работи за да се избегнат нови компликации.