Македонија,Крими хроника

Се претставила како сопруга на Иво Котевски и барала донации за полицајците од акцијата во Куманово

Се претставила како сопруга на Иво Котевски и барала донации за полицајците од акцијата во Куманово

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против С.Ш.(39) од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сторила две кривични дела – “измама“ и „лажно претставување“. Од страна на Судија на претходна постапка на пријавената и е изречена превентивна мерка одземање на патна исправа и еднаш неделно јавување во Основен суд Скопје.

-Имено, пријавената лажно претставувајќи се како службено лице на МВР и сопруга на високопозициониран службеник во МВР од вработените во скопско претставништво на правно лице од Велес, откако претходно го обезбедила службениот мобилен телефон на раководителот на фирмата на први овој месец му се јавила претставувајќи се лажно со истиот идентитет како пред вработените во претставништвото. Притоа со лажно прикажување на факти дека наводно се јавува во име на МВР на РМ поради ситуацијата во државата мора да изврши уплата на парични средства во износ од 30.000 денари од жиро сметката на правното лице на жиро сметка на физичко лице непрецизирајќи на која жиро сметка и на кое лице. Наедно истакнала дека за евентуалната уплата од страна на МВР ќе биде издадена пофалница на име на правното лице како давател на финансиски средства за помош на државата што таа лично ќе му ја врачи. Кога во телефонскиот разговор пријавителот и кажал дека за да бидат исплатени бараните парични средства одлука може да донесе само директорот, таа го побарала телефонски број на директорот, но пријавителот и рекол дека тој ќе му каже на директорот да ја побара, соопштуваат од МВР.

Истиот ден (02.06.2015) пријавителот телефонски ја известил дека директорот одобрил 20.000 денари, но поради неможност книговодствено да биде оправдан износот на паричните средства доколку биде исплатен од жиро сметката на правното лице, мора да и бидат врачени лично на рака, зашто таа треба да му даде документ. Несакајќи да ја пропушти можноста да ги земе паричните средства, а доведена во ситуација да мора да го открие својот вистински идентитет бидејќи условот за да ги земе е да се појави лично, а со намера и натаму да го одржи во заблуда пријавителот, пријавената му кажала дека поради смртен случај неможе лично да дојде за да ги земе парите, но ќе прати друго женско лице со име С.Ш. (притоа најавувајќи се себе), која што во нејзино име ќе ги земе парите и ќе му сочини документ за земениот износ, додека пофалницата ќе му ја врачи лично на 08.06.2015 година.

На договорената средба околу 13,30 часот во просториите на претставништвото на правното лице во нас.Аеродром, пријавената дошла и претставувајќи се како лице задолжено од наводната службеничка во МВР која треба во нејзино име да ги земе паричните средства и идентификувајќи се со прикажување на својата лична карта, на пријавителот му кажала дека во моментот неможе да му даде документ за паричните средства кои што треба да и бидат дадени. Но за да го наведе да и ги даде парите му кажала дека може да направи фотокопија од нејзината лична карта. По ова, извршено е легитимирање на пријавената, извршен е преглед на нејзиниот личен багаж и на автомобилот кој го управувала по што е лишена од слобода во ПС ОН Кисела Вода.

Истиот ден дојдено е до сознание дека пријавената претставувајќи се со горенаведениот лажен идентитет како службено лице на МВР во периодот од 29.05 до 02.06.2015 година се јавила уште во четири други правни лица од кои, со изговор дека поради потреба од исплата на финансиска помош на полициските службеници од МВР кои учествувале во неодамнешната полициска акција во Куманово – побарала да извршат уплата на парични средства во износ од 20.000 до 30.000 денари на жиро сметка на физичко лице, со што се обидела да ги доведе во заблуда одговорните лица во правните лица и да ги наведе да извршат уплата на бараниот износ на жиро сметка којашто ќе им ја даде.

Против С.Ш. и во претходниот период се поднесувани кривични пријави за кривични дела „измама“.