Се продава земјиште за инвестирање во Велес

Општина Велес го објави повикот за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање во општина Велес, а кој се однесува на продажбата на плацови во Индустриската зона Речани 2 и на Езерото Младост.

Станува збор за продажба на вкупно 9 плацови во Индустриската зоан Речани 2 од кои 5 со намена на градба Г2 – Лесна индустрија и 4 плаца со намена – Г3 – Сервиси.

Овие парцели ќе бидат предмет на електронско јавно наддавање кое ќе се спроведе на 23.01.2015 година а истите ќе се продаваат по цена од 61.00 денар по метар квадратен.

Исто така со оваа објава предвидени за продажба се 2 парцели со намена за хотелски комплекси и други 5 на кои се предвидува изградба на Мотели.

Почетната продажна цена на овие парцели изнесува 283 денари од метар квадратен. Истите ќе бидат предмет на оттуѓување на електронско јавно наддавање кое ќе се спроведе на 26.01.2015 година.

Градоначалникот Славчо Чадиев денес на прес конференција јавно им се обрати на сите бизнисмени и потенцијални инвеститори да ја искористат поволноста на цените за продажба на плацови.

-Покрај на надворешните домашни и странски инвеститори, им даваме прилика пред се на велешките стопанственици да бидат далекувиди, да го најдат својот интерес и да инвестираат во бизнис што има перспектива, истакна градоначалникот Чадиев.

Овој повик за продажба на плацови е од огромна важност за стопанскиот развој на Велес од повече причини.

Прво и основно – развој на стопанството и можност за отворање на нови работни места. Тоа значи јакнење на фирмите и подигнување на стандардот на граѓаните.

Придобивка е и урбанизацијата на крајбрежјето на езерото и негово уредување.

Со изградбата на комплекси од хотели и мотели се зголемува можноста за поквалитетна туристичка понуда, за развој на ловен, риболовен и транзитен туризам.