Се продаваат четири нови парцели во индустриската зона Прилеп 2

Во тек е објава за продажба на четири парцели во индустриската зона Прилеп 2 или Сточен пазар, наменети за лесна и незагувачка индустрија, стоваришта, магацини и производство.

Се работи за парцели со големина до 1.600 м2, со катност приземје плус два ката. Почетната цена е 61 денар за метар квадратен, а наддавањето ќе се врши чекорно со 100 денари минимум за метар квадратен. Комплетно целиот процес на јавно наддавање и аплицирање е електронски. Рокот за аплицирање е до 24 јули до 12 часот, додека пак јавната аукција ќе се одржи на 26 јули со почеток во 12 часот.

„Сите заинтересирани можат да го најдат огласот на интернет страницата на Општина Прилеп, да го превземат од таму или да не контактираат во нашите простории секој работен ден од 8 до 14 часот. Право да аплицираат имаат сите домашни и странски, правни и физички лица. За да биде комплетирана апликацијата потребно е да се имаат сите предвидени документи. По регистрација во системот сите оние кои што поднесле комплетна документација, ќе бидат регистирани, ќе им биде даден пристап до системот и на 26 јули ќе можат да наддаваат и ќе можат да станат едни од потенцијалните купувачи на овие атрактивни градежни парцели. Со измените на законот за градежно земјиште од оваа година наместо депозит за учество во јавното наддавање ќе се плаќа банкарска гаранција за сериозност на понудата, во висина од 300 проценти од вкупно почетната сума за секоја градежна парцела. Така што цената на оваа банкарска гаранција не е фиксна туку според табеларниот преглед и за секоја парцела е различно“, истакна Александар Јованоски, сектор за урбанизам при Општина Прилеп.

Во оваа зона за продажба се предвидени 12 парцели. Досега се продадени 5 парцели, а во иднина, покрај овие 4 парцели, останува да бидат ставени на продажба уште 3 локации.

„Ги повикувам сите заинтересирани граѓани, сите физички и правни лица кои што сакаат и имаат бизнис идеја да изградат ваков тип на претпријатија кои се дозволени во индустриска зона Прилеп 2 или Сточен пазар, да се пријават на овој оглас. Станува збор за една од најатрактивните локации која што се наоѓа на само околу еден и пол километар од центарот на градот. Откако сите 12 локации ќе бидат продадени локалната самоуправа е подготвена да започне со изградба на инфраструктурата во оваа зона, која ќе биде надоврзана на постоечката инфраструктура која се наоѓа до самата индустриска зона. Прилеп станува еден од најатрактивните градови за изградба на погони, фабрики и отворање на нови работни места. Покрај ТИРЗ-от многу атрактивни се и овие индустриски зони, па се надевам дека и ова електронско наддавање ќе биде успешно. Ние како локална самоуправа планираме изградба и на други индустриски зони. Се работи на две такви зони во близина на стариот пат за Битола, кои што ќе имаат површина од околу 70-тина хектари. Едната зона се наоѓа позади стар Црн Бор, а другата во негова близина. Тие наскоро ќе бидат внесени во ДУП, и до крајот на оваа или почетокот на другата година ќе бидат ставени на располагање на сите домашни и странски инвеститори. Целта на локалната самоуправа е преку привлекување на нови инвестиции да се отворат нови работни места и да се намали невработеноста во градот“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Од локалната самоуправа на Прилеп напоменуваат дека од денот на потпишување на договорите за овие четири парцели од зоната Прилеп 2 купувачите ќе треба во рок од 30 дена да извршат уплата на данок на недвижности и да го солемизираат договорот на нотар. По извршената солемизација тече рок од 9 месеци за добивање на одобрение за градба и во рок од четири години купувачите имаат обврска да го изградат објектот. Доколку не се испочитуваат предвидените рокови тие можат да се продолжат со плаќање на договорни казни.