Се продлабочува соработката помеѓу македонските и италијанските компании

Трговската размена помеѓу Македонија и Италија во првите девет месеци од годинава изнесувала 584 милиони американски долари, и е реализиран раст од 13 отсто во однос на претходната 2013 та година. Според анализите кои се направени во однос на структурата таа би можела да се зголеми до една милијарда и половина американски долари. Ова денеска беше констатирано во рамки на прес конференцијата на која се обратија Директорката на дирекцијата за Меѓународна соработка во Стопанската комора на Македонија Наташа Димеска Стојаноска и амбасадорот на Република Италија во Македонија Ернесто Масимо Белели.

Во однос на инвестициите Италија е петти по ред трговски партнер и го задржува истото место од претходната 2013 – та година.

Директорката посочи дека своите најголеми инвестиции Италија ги има во 2013 та година, со некаде околу 67, 20 милиони евра и тоа е изнесува некаде 1, 69 проценти од вкупните странски инвестиции што се направени во Република Македонија. Како едни од позначајните инвестиции кои што се тука направени таа ги потенцираше компанијата „Технохозе“ која што во Македонија е регистрирана под името „Винтек Македонија“ и „Дијатек“ која што, како што рече, наскоро ќе се приклучи во семејството на странски инвеститори во слободната економска зона во Бунарџик.

-Можеме да кажеме дека инвестиционата моќ на италијанските компании во Република Македонија не е на толку завидно ниво ради надворешниот коридор 8 кој претставува единствена пречка затоа што претставува лоша инфраструктура, а нормално тоа за странските компании претставува проблем и заради тоа често избрана дестинација за нивните инвестиции е Албанија која што во моментов има многу подобра инфраструктура и подобар пристап за италијанските компании од Македонија. Сепак италијанските компании ккажуваат дека претприемничката култура во Република Македонија е на доста високо ниво. Условите кои што ги нуди за инвестиции се исто така добри, меѓутоа и поставеноста на македоснките компании е многу подобра од албанските компании што за нас претставува позитивен сигнал за 2015 та година да имаме поинтензивни средби помеѓу двете економии, рече Димеска-Стојанова.

Италијанските компании досега најголем интерес за инвестирање во Македонија пројавиле во делот на енергетиката, особено во делот на изградба на мали хидро централи и во обновливите извори на енергија, инфраструктурата, прехрамбениот сектор и земјоделството, заштита на животната средина и инфраструктурата.

Амбасадорот на Република Италија покрај споменатите две инвестиции во Бунарџик, напомена  дека во моментов се гради уште една италијанска компанија во слободната економска зона во Тетово, а најави уште три нови инвестиции на италијански компании во Македонија.

Белели го најави бизнис форумот кој ќе се оддржи утре во Порта Македонија , а кој ќе биде од областа на прехранбената индустрија. Имено, во рамки на форумот, италијански компании ќе извршат промоција на нивните производи, со цел тие производи да може да се воведат и на македонскиот пазар, како и за да се оствари поблиска соработка помеѓу македонските и италијанските компании.

– Поради географската блискот италијанските производи се многу ценети во Македонија, но исто така и македонските производи се многу ценети и на италијанскиот пазар, нагласи Белели.

Во однос на извозот на македонски прехранбени производи, Белели нагласи дека некаде 80 до 90 отсто од вкупниот извоз на јагнешко месо од Македонија оди на италијанскиот пазар, а истото се однесува и на печурката вргањ.

Тој напомена дека досега голем број италијански компании пројавиле интерес за инвестиции во Македонија, во делот на производство на земјоделски производи наменети за извоз, што како што рече ќе значи отворање на голем број нови работни места.