Се продлабочува соработката со медицинскиот центар „Роналд Реган“ од САД

Во рамки на неколкудневната посета на САД, премиерот Никола Груевски, вчера, во Лос Анџелес оствари средба и со претставниците на реномираниот медицински центар  „Роналд Реган“ со кого веќе Владата има соработка за обука и размена на лекари.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата беа разгледувани можностите за остварување на продлабочена соработка во повеќе области и сфери, како и развивање на нови форми на заедничко дејствување.

Премиерот Груевски по средбата изјави дека пред две години беше договорена соработка со „Роналд Реган“ медицинскиот центар која опфаќа обука на македонски лекари во овој медицински центар, и дека до сега вкупно 29 лекари оствариле пракса и работа во Лос Анџелес при што изучувале нови методи на работење кои што веќе започнаа да се применуваат и во Македонија.

– Мене ми беше задоволство што со претставниците на овој огромен медицински центар денеска имавме заедничка средба. Главно разговорите ги водевме во неколку правци: прво значително зголемување на бројот на лекари кои што ќе доаѓаат во Лос Анџелес, за што тие покажаа целосна спремност и подготвеност, тие се задоволни од досегашната работа на македонските лекари и ги оценуваат добро нивните перформанси и нивното работење. Второ, им го претставивме концептот на слободни здравствени зони и ги поканивме да размислат и да проучат евентуално нивно вклучување во овој проект.  Тие иако немаа такви излегувања надвор од Америка, покажаа интерес особено ако најдат некоја компанија која би ја изградила болницата, а тие да влезат со своето знаење и искуство. Тоа им е посебно интересно и доколку се вклучат и се кандидираат да отворат болница тогаш таа би била регионална за целиот поширок регион. Третата тема за која што разговаравме е доаѓање на нивни лекари во Македонија и престој на подолг период. Тие потврдија дека се согласни за оваа работа, така да ние ќе ги продолжиме разговорите во таа насока, изјави премиерот Груевски по средбата.

Директорот на „Роналд Реган“ и медицинскиот центар Томас Коутс изјави дека повеќе македонски анестезиолози, хирурзи, кардиолози и педијатри се обучуваа во болницата во Лос Анџелес, и изрази задоволство од нивниот ангажман, способност и квалитетна работа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.