Се проширува улицата Тодор Александров

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска  го означи почетокот на градежните работи за проширување и реконструкција на улицата Тодор Александров (1 фаза). Со овој проект оваа фреквентна улица ќе се прошири на потегот од крстосницата со булеварот Мајка Тереза и улицата Белградска, кај ОУ „Кочо Рацин“, до кракот на оваа улица што води кон Панорама, во должина од околу 600 метри и ќе се овозможи развој на населбите лоцирани во подножјето на Водно, како и непречено движење на растечкиот број посетители кон рекреативните содржини на Водно.

– Со реализација на проектот за проширување и реконструкција, улицата Тодор Александров ќе добие 4 сообраќајни ленти (по 2 ленти во секоја насока), широки по 3 метри. Од двете страни на сообраќајницата ќе се формираат тротоари со ширина од 2 метра. На терен ќе се изврши и реконструкција на постојниот коловоз, стариот и оштетен асфалт ќе се изгребе, ќе се обнови носечкиот слој и ќе се нанесе нов асфалтен слој. Ќе се реконструира и дел од коловозот на помалите улици што се вкрстуваат со улицата Тодор Александров, како што се улиците Белградска, Партение Зографски, Тасино Чешмиче и Славејко Арсов. Градежните работи на коловозот на улицата Тодор Александров ќе се искористат за да се реконструира и дел од атмосферската канализација на оваа сообраќајница, при што на должина од 500 метри ќе се постават цевки со профил од 400 милиметри. Ќе се реконструира и дел од фекалната мрежа, при што на должина од 300 метри ќе се постават цевки со профил од 250 и 300 милиметри. Ќе се реконструира и дел од водоводната мрежа на оваа улица, при што на должина од 200 метри, ќе се постават цевки со профил од 250 милиметри. Во текот на градежните работи, ќе се реконструираат и делови од атмосферската, фекалната и водоводната мрежа на помалите улици што се вкрстуваат со улицата Тодор Александров – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Todor Aleksandrov (4)

Трајановски додаде дека по завршувањето на реконструкцијата, на улицата Тодор Александров ќе се постави ново осветлување со 33 столба за улично осветлување, со висина од 8 метри.

– На проширување и реконструкција на улицата Тодор Александров ќе работат екипите на градежната компанија „Жикол“ од Струмица. Градот Скопје во овој обемен проект ќе вложи околу 39 милиони денари. Рокот на изведба е околу 14 месеци, но ние ќе се потрудиме градежните работи на оваа улица да завршат и порано – нагласи градоначалникот Коце Трајановски.

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат трпение додека траат градежните работи за проширување на улицата Тодор Александров, да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот и да ја почитуваат поставената патна сигнализација.