Се раскинуваат договорите со „Струмица табак“

„Струмица табак“
Како што беше речено денеска на прес-конференција, за раскинатите договори тутунарите мора да ја известат „Струмица табак“. Само така можат да го остварат правото за субвенции.
Раскинувањето мора да биде од двете страни за да се остварат правата на субвенции од државата, истакна престедателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески.
Барањето кое тутунарите го доставуваат до Министерството за земјоделство со изјавата заверена на нотар, треба како препис да го достават и до „Струмица табак“ за да добијат известување дека договорот со оваа компанија двострано е раскинат. На тој начин го остваруваат правото на субвенции за предадените количества тутун, изјави Милески.
Според Сојузот, досега во земјава се откупени над 17.500 тони тутун по просечна цена од 193 денари за килограм.
Откупот се одвива непречено, времето дозволува да се откупува и поинтензивно… Од околу 20.000 тони колку што тежи родот, се откупени над 17.500. Останува да се преземат уште 2.000 до 2.500 тони тутун. Производителите се задоволни со цената, а со овој интензитет, тутунот ќе се откупи до средината на февруари, речиси еден месец порано од законскиот рок – 15 март, нагласи Перо Ничевски од Сојузот на тутунските здруженија.
Од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп информираат дека досега се примени околу 260 барања за раскинување на договорите што ги имаа тутунарите со „Струмица табак“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.