Се распаѓа ли СИРИЗА?

Ципрас бара мандат за силна влада
Ципрас бара мандат за силна влада

СИРИЗА вчера имала заседание на Централниот комитет, на кој во жестока и повеќечасовна расправија било изгласано свикување на вонреден конгрес во септември, објавува „Франс прес“, пренесува Нетпрес.

Предлагач за свикување на конгрес бил грчкиот премиер Алексис Ципрас, со образложение дека мора да се завземе заедничка позиција за спогодбата со кредиторите, потенцирале од СИРИЗА.

Ципрас, кој е и претседател на грчката радикална лева партија СИРИЗА, предлогот го дал на самиот почеток на вчерашното заседание на Централниот комитет.

Но, дел од членови се против потпишувањето на спогодбата од 13 јули, меѓу грчката влада и кредиторите за нов заем за Грција, кој предвидува мерки за строго штедење. Грчките медиуми го поставуваат прашањето: Се распаѓа ли СИРИЗА?

SIRIZA Cipras
СИРИЗА коалицијата пред распад, Алексис Ципрас

Алексис Ципрас ја доби првата битка, но разводот во СИРИЗА ќе биде во етапи, ја коментира весникот „Етнос“ поделбата во битката на Централниот комитет на владејачката партија. Со овој потег Ципрас го доби „влогот“ за конгресот, кој треба да се случи по постигнувањето на новата спогодба со кредиторите, пишува весникот, и дополнува дека тоа ќе се случи во момент кога Атина ги почнува преговорите за нов спасувачки пакет. Одлуката за вонреден конгрес му дава одврзани раце на Ципрас во следните, за него критични, 20 денови, во август, за постигнување на спогодба, дополнува „Етнос“.

СИРИЗА е во процес на расцеп, пишува весникот „Катимерини“, прогнозирајќи дека вонредниот конгрес на партијата во септември ќе биде искористен за „расчистување на сметки“.

Весникот „Прото тема“ одбележува дека заседанието на Централниот комитет на СИРИЗА минало во знак на остри судири и критики од страна на претставниците од фракцијата „Лева платформа“, кои се жестоки противници на новата спогодба, која Ципрас сака да ја договори со кредиторите. Весникот истакнува дека на заседанието Ципрас побарал да се направи внатрепартиска анкета, на која членовите ќе се произнесат дали владата дејствува правилно или не, со тоа што сака постигнување на спогодба со кредиторите. Но, предлогот на Ципрас не бил прифатен.

Весникот „Та Неа“ пишува дека особено агресивен на заседанието на Централниот комитет бил најголемиот опонент на Ципрас – лидерот на „Лева платформа“ и министер за реконструкција на производството, животна средна и енергетика, Панајотис Лафазанис, кој рекол дека „во Грција демократијата завршила и дека во земјата царува диктатурата на еврото“.

На СИРИЗА и’ е потребно единство, за да може земјата да оди напред, посочил тој.

СИРИЗА коалицијата пред расцеп, Панајотис Лафазанис против Ципрас
СИРИЗА коалицијата пред расцеп, Панајотис Лафазанис против Ципрас

„Лева платформа“ смета дека вонредниот конгрес на СИРИЗА во септември е безсмислен и непотребен.

Централниот комитет на СИРИЗА се движи по јаже, коментира порталот „Њус Ин“.

Категорично против гласањето за нов меморандум со кредиторите се декларирала и претседателката на грчкиот парламент, Зои Констандопулу. Таа истакнала дека СИРИЗА нема мандат од народот за нов меморандум.

На ова Ципрас одговорил:

– Кој сака друга влада и друг премиер нека каже.

Медиумите во Грција информираат и дека 17 претставници на комунистичката организација во партијата СИРИЗА објавиле дека се повлекуваат од Централниот комитет, и ја осудиле новата спогодба со кредиторите.