Се реконструираат десет железнички станици по 42 години

За прв пат по 42 години се реконструираат железничките станици во Македонија. Премиерот Никола Груевски денеска изврши увид во активностите за реконструкцијата на Железничката станица во Велес која треба да биде готова до крајот на годината.

Во моментов се реконструираат 10 железнички станици. Освен Железничката во Велес, до крајот на годината се очекува да биде готова и во Прилеп, а се работи на реконструкција на железничките станици во Богомила, Табановце, Гевгелија, Битола и Чашка.

Исто така, за прв пат по 42 години беше реконструирана и главната железничката во Скопје.

Се реконструираат 10 железнички станици долж Коридорот 10 и дополнително во Битола, Прилеп, Чашка, Богомила, Велес… Во моментов возењето со железничкиот сообраќај е двојно поевтино за разлика од автобускиот и очекуваме со набавката на новите возови да има поголема комоција и поголема заинтересираност за користење на овој сообраќај, рече премиерот Груевски при посетата на Железничката станица во Велес, пренесува МИА.

Тој најави дека до април следната година ќе пристигнат сите шест возови, а до крајот на следната година ќе се потпише договорот за преостанатите 40 отсто композиции за патнички возови. Во таа насока, тој предложи да почне процедурата со ЕБРД сега и до крајот на следната година да се потпишат договорите за веќе во 2017 година да почнат да пристигнуваат преостанатите композиции за целосно да се покрие патничкиот сообраќај.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески укажа дека следната недела ќе има средба со претставници од ЕБРД и оти очекува дека ќе се успее да се дофинансира овој проект.

Ставрески оцени дека ова е сериозен повеќегодишен инвестициски циклус и оти сите овие работи чинат околу 600 милиони евра за период од четири години.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски посочи дека оваа замена на возовите се прави по 40 години и оти ова се првите патнички возови во Македонија, а реконструкцијата на железничките станици по 42 години.

Тој најави дека ќе се прави рехабилитација и на старите локомотиви и оти се обезбедени средства од 8 милиони евра и треба да се распише тендер. Појасни дека досега се распишани два тендера на кои немало заинтерсирани, но оти сега има компании кои пројавиле интерес и затоа ќе се објави уште еден тендер. Како што рече Мисајловски доколку и на овој не се избере компанија последната опција  би била да се купат нови.

За време на посетата во Велес, беше истакнато дека реконструкцијата на Коридорот 10 е завршен околу 80 проценти. За една година се очекува да биде завршен и проектот за железничко поврзување со Албанија, а кон Бугарија се очекува до крајот на годината да бидат завршени првите 10 километри од пругата.

Целта реконструкција треба да заврши до март следната година од Табановце до Гевгелија по што ќе може возовите да се движат со брзина од 120 километри, рече директорот на МЖ-Инфраструктура Ирфан Асани.

Новата композиција која денеска беше промовирана ќе биде пуштена во редовен сообраќај за патници од крајот на јануари следната година. Тие се опремени со климатизација, екрани, музика, интернет, аќе има и камери за безбедност на патниците. Цената на билетите ветуваат надлежните нема да се променат. За новите возови досега се обучени девет машиновозачи, а планот е да биде меѓу 15 и 20. Обуката се одвива согласно договореното со кинескиот производител. Покрај обуката се врзши и тренинг за сервисирање на вагоните.