Македонија

Се решава статусот на професионални војници кои се без работа

Се решава статусот на професионални војници кои се без работа

Статусот на околу 140 професионални војници кои по завршувањето на работниот ангажман во АРМ не беа вработени ќе биде решен до февруари идната година. Со тоа се заокружува процесот на реашавање на статусот на сите професионални војници.

Решението во форма на Предлог закон за измена на Законот за служба во Армијата на Република Македонија во името на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го поднеле Емил Димитриев и Талат Џафери. Со него се предлага да се овозможи вработување на сите професионални војници на кои им престанал работниот однос по основ на навршување на максимална старосна граница.

– На еден начин ова претставува континуитет, но во исто време е и конечна разрешница и завршница на процесот за решавање на статусот на професионалните војници кој започна најпрво со решавање на статусот на овие војници кои се во служба на Армијата, околу 4000 луѓе, потоа статусот и вработувањето на професионалните војници кои беа евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Македонија на 31 декември 2013 година како невработени лица и сега го завршуваме процесот со третата група со вработување на сите останати професионални војници  на кои работниот однос во АРМ им престанал по основ на навршување на максимална старосна граница, рече Димитриев во изјавата пре македонскиот Парламент.

Одредбите од законот што се предлага, рече, се многу прецизни и го регулираат начинот на нивното вработување со конкретни рокови.

– Во него е предвидено вработувањето на овие од прилика 140 професионални војници да заврши најдоцна до крајот на февруари 2016 година. Претходно тие треба да поднесат барање за вработување до Министерството за одбрана, за што краен рок е крајот на месец јануари. Има период од еден месец во кој МО би имало период да ги испланира и организира работите околу нивното вработување, истакна Димитриев.

Ова е решение, според него, е за една категорија на луѓе која е многу значајна бидејќи, како што рече, извршувале исклучително важни работи за државата.

Очекува поддршка и од опозицијата на овој закон, бидејќи како што рече, тие имаат поднесено закон за оваа категорија граѓани, но во него имаат предвидено помала сума пари потребна за реализација на вработувањата. – Тие имаат предвидено 2 милиони денари на годишно ниво што значи вработување на отприлика  13-14 луѓе. Со предложениот закон, пак, се предвидуваат 54 милиони денари на годишно ниво што решава проблем на 140 луѓе, истакна тој.

Професионалниот војник  Марјанчо Гурбански, претседател на координативното тело на отпуштени професионалн војници, истакна дека со ова се решава и затвора едно горчливо прашање во врска со професионалните војници кои се уште имаат нерешен статус.