Се реставрира уште еден уникатен мозаик од раниот 6. век

Конзерваторско-реставраторски работи на мозаик од нартексот на Епископската базилика (базилика на епископ Филип), кој датира од раниот 6-ти век се во тек на археолошкиот локалитет Стоби со поддршк од Министерството за култура.

m1Овој мозаик е со вкупна површина од 82 метри квадратни и е еден од најубавите мозаици откриени во Стоби. На осум квадратни полиња се претставени зооморфни претстави комбинирани со геометриски мотиви, изведени со разнобојни камчиња.

Проектот, како што соопшти Министерството за култура, претставува продолжување на конзервацијата на мозаикот од нартексот на Епископската базилика, која започна со неговото отстранување од оригиналната позиција во 2012 година.

– Во моментот се врши чистење, консолидирање и лиење на нова варова подлога на различните фрагменти, по што тие се фиксираат на носач од алуминиумско саќе. Со финализирање на работата, следната година, мозаикот ќе биде подготвен да се врати назад на оригиналната позиција во базиликата, се наведува во соопштението.

m2Во изминатиот период, на археолошкиот локалитет Стоби, во целост беше завршен и проектот за конзерваторско-реставраторски работи на мозаик во Старата епископска базилика, кој е најголемиот досега познат поден мозаик во Македонија.

Стручен тим од овластени конзерватори на локалитетот Стоби работи и на конзервацијата и реставрацијата на театарот.

– Со завршувањето на археолошките истражувања во источната половина на централниот циркуларен коридор, се отвори можноста за конзервирање на двата ѕида кои го формираат коридорот, како и за реставрација на оштетувањата на сводот. Конзерваторските активности се започнати и во моментот се консолидираат циркуларните ѕидови. Централниот циркуларен коридор на театарот е дел од системот за движење на публиката и има импресивна височина од околу шест метри, додека неговата широчина е 2,5 метри. Источната половина на коридорот, која е предмет на овогодинешните археолошки истражувања и конзервација е долга околу 40 метри, се наведува во соопштението од Министерството за култура.