Се собираат податоци за нов уличен и адресен регистар во Општина Кисела Вода

Нов уличен и адресен регистар, ќе овозможи реализацијата на пилот проектот кој се спроведува во Општина Кисела Вода. Во моментов се врши теренско собирање на адресните податоци кои потоа ќе се складираат во централна база на податоци на стандардизиран начин и дефинирани правила за пристап.

Носител на пилот проектот е Агенцијата за катастар на недвижности, а покрај Општина Кисела Вода, во него се опфатени и општините Зелениково, Свети Николе и Општина Гостивар. Во просториите на Општина Кисела Вода беше одржан состанок на кој се допрецизираа недореченостите во однос на теренската работа за собирањето на податоци.

На истиот присуствуваа референтите од месните и урбаните заедници кои се дел од Секторот за месна самоуправа и за соработка со невладин сектор, како и претставници од Агенцијата за катастар на недвижности.

Како што информираа претставниците на Катастарот, графичкиот регистар на улици и куќни броеви, како дел од Адресниот регистар на Република Македонија, ќе содржи просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви, како и просторни податоци за линијата на опфат врз основа на која се определува припадноста на куќниот број спрема улицата.
Врз основа на воспоставениот Адресен Регистар за населеното место ќе се направи нумерирање и обележување на утврдените адреси кои недостасуваат на терен.

Воедно, од страна на Агенцијата за катастар на недвижности, веќе се отпочнати активности за надградба на електронскиот катастар со модул за адресни податоци, кој освен атрибутните податоци за адресите, вклучува и  графички приказ на улиците и куќни броеви. Модулот за адресни податоци ќе овозможи поврзаност на адресите од Адресниот Регистар со графичките податоци од катастарските планови и податоците за адреси евидентирани во имотните листови.

Промената на адресните податоци во Адресниот Регистар ќе биде директно спроведена во катастарот на недвижности.