Се спасивме од Макстил, кој ќе не спаси од старите автобуси?

Иако челичарницата „Макстил“ го прекина производствениот процес, податоците од мерните станици, што ги објавува Министерството за животна средина, покажуваат дека има надминување на среднодневните концентрации на ПМ 10 честичките во главниот град. Тука се поставува прашањето, кој е загадувачот? Камерите на Нетпрес забележаа приватни превозници во градскиот превоз кои гравитираат низ градот, а зад себе оставаат голем облак од чад.

zagaduvanje3(A)Аерозагадувањето во голема мера се должи и на големата концентрација на возила во главниот град. Иако постојат препораки во деновите кога аерозагадувањето е големо да се користи јавниот превоз, дискутабилно е во колкава мера јавниот превоз е безбеден и не ја загадува околината.

Јавното сообраќајно претпријатие на град Скопје пред две години целосно го обнови возниот парк со автобуси кои ги исполнуваат Еуро 5 стандардите и спаѓаат во категоријата мали загадувачи, но приватните превозници возат автобуси кои се стари и по неколку децении, а Нетпрес забележа вакви автобуси кои зад себе оставаат огромен облак од чад.

Според податоците од град Скопје досега линија за приватен превоз на патници добиле 160 фирми и вкупно 227 автобуси.

Посебните техничко-експлоатациони услови за возилата за одделни видови на превоз ги пропишува министерот за транспорт и врски. Проверка на исполнетоста на посебните техничкo-експлоатациони услови на возилата со кои се вршат одделни видови на превоз во патниот сообраќај вршат овластените станици за вршење на технички преглед за регистрација на возила, согласно со прописите за безбедност во сообрaќајот.

Од АМ Церт, станицата за технички преглед која работи во склоп на Аутомакедонија информираат дека автобусите во јавниот превоз со секој технички преглед задолжително вршат и преглед на емисијата на издувни гасови. Односно, вакви прегледи се вршат на секои 6 месеци, бидејќи возилата или поконкретно автобусите кои учествуваат во јавниот превоз се обврзани да извршат еден редовен и еден вонреден технички преглед.

Но, како што посочи раководителот на одделението за технички преглед, Бојан Ефтимоски, нормите во однос на кои се врши испитувањето се истите норми кои биле важечки во моментот на производство на возилото.

-Техничкиот преглед нема да ги елиминира, доколку ги исполнат оние норми кои биле пропишани во моментот на производство на возилото, вели тој.

Со самостојно финансиско работење приватните превозници најчесто набавуваат половни автобуси, и главно мораат да се задоволат со еколошки стандарди Еуро 2 и Еуро 3. Сепак не е мал бројот на оние автобуси кои се стари и по неколку децении и располагаат со таканаречената еко-норматива „Еуро 0“. Сите овие автобуси, практично може да бидат регистрирани доколу ги исполнат пропишаните норми во моментот на производство.

Затоа, неретко во главниот град може да се забележат и вакви слики на стари автобуси кои зад себе оставаат огромен облак од чад.

Скопјани се спасија од челичарницата Макстил која се обрврза да воведе еколошки норми во производството, но останува отворено прашањето, кој ќе не спаси од приватните превозници кои со старите автобуси гравитираат и по неколкупати во денот низ централното градско подрачје?