Се сплетка ли Заев во грчката пајажина?

Се сплетка ли лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, во сопствената пајажина од лаги објаснувајќи на прес – конференција за скандалот кој го објави весникот „Дневник“ за неговите посети на Грција?

Според она што го кажа, Заев не даде ниту еден цврст аргумент за демантирање на наводите објавени во текстот на весникот. Лидерот на СДСМ тврди дека на граничниот премин Дојран морало да се излезе од автомобил за да се покаже пасошот на грчките гранични служби и дека некој веројатно го сликал додека тој тоа го правел. Но, не кажа аргумент дека тој со автомобил влегувал во Грција, бидејќи „Дневник“ тврди дека Заев без автомобил, пешки ја минувал границата. Ако некој минува граничен премин со автомобил, тоа може многу лесно да се провери и да се докаже.

Втор сомнителен аргумент на Заев е дека тој наводно одел во посета на збратимените грчки општини со општината Струмица, каде тој е градоначалник. Но, по се’ изгледа дека и ова не е точно, бидејќи никаде на интернет страниците на грчките општини, ниту пак, на општината Струмица, не е објавено дека Заев како градоначалник бил во службена посета.

Заев често го посетувал и Солун, а не кажа дали и Општината Солун е збратимена со општината Струмица. Или, пак, можеби во ресторан договара збратимување на двете општини?

„Јас не се кријам дека приватно одам во Грција. Секако, заедно со сопругата и со децата одам во Грција. Имам ќерка тинејџер и многу нормално е дека одам во Грција, но вистината транспарентно кажана е таа“, рече Заев, одговарајќи на прашањето како го иоментира тоа што неговите посети кај јужниот сосед се поклопуваат за важни датуми за Македонија.

Инаку, весникот „Дневник“ вчера објави дека во август минатата година или поточно на 24 август околу шест часот попладне Зоран Заев пеш го минал граничниот премина кај Дојран и влегол во Грција. Всушност, тоа го прави во неколку наврати. Зошто некој би влегувал во Грција пеш или обратно? Во посочениот случај се вратил во Македонија следниот ден попладне, овој пат со возило. Што би можело да значи тоа? Шопинг-тура до фри-шоп? Тој кај Дојран е мал, а со само десетина километри повеќе возење се стигнува до гевгелискиот. Згора на тоа, во фри-шоп не се останува 24 часа.

Пешак

Неколку дена подоцна, на 31 август, Заев одново оди за Грција, со тоа што овој пат влегува кај соседите преку истиот премин со возило, а се враќа следниот ден пеш.

На 9 септември 2013 година влегува во Грција и излегува од земјата по девет часа истиот ден. Во двата правца го минува ГП Дојран, и тоа како пешак. Дали од таа страна го чека возило? И зошто?

Ако некој сака да се занимава со анализи, може да утврди дека некои од неговите патувања коинцидираат со одредени случувања во Македонија.

На пример, по патувањето на 31 август, во партијата можело да се чуе дека е обезбедена политичка поддршка од странство. На 9 септември Метју Нимиц се среќава во Њујорк со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. Kаква врска има тоа со патувањето на Заев во Грција? Не мора да има никаква, од друга страна, сешто може на човек на да му падне на памет.

На 23 октомври минатата година на ГП Богородица Заев има влез во РМ во попладневните часови, односно околу 16 часот, и тоа како пешак. Што би значело тоа? Дека влегол во Грција од друг премин, можеби од друга држава, но, пак, зошто се враќа како пешак? Што, всушност, значи ова невообичаено однесување? Интересно, на 23 октомври во Њујорк почна дводневна рунда разговори за спорот за името, свикана од амбасадорот Метју Нимиц.

Kоинциденции?

На 14 декември минатата година вечерта Заев влегува од Грција во Македонија кај ГП Богородица со возило. Тоа се денови кога во ЕУ се подготвува заклучокот за РМ, донесен на 17 декември, со кој е утврдено дека на прашањето за почетокот на пристапните преговори на Европската комисија со РМ, „земјите-членки ќе се навратат во 2014 година“.

Се разбира, во секоја земја, па и во Македонија, секогаш има настани што можат да се врзат за одреден датум, па овие настани може да се сфатат и како занимливи коинциденции.

Од друга страна, нашите извори велат дека една од дестинациите на Заев е Солун, а таму често го милувал локалот спроти Националната банка на Грција. Тоа е место каде што може да се сретне и еден Македонец кој две години живее и работи во Солун. Што? Тоа е веќе друга приказна.

На 7 февруари оваа година вечерта Заев излегува од РМ преку Ново Село, а се враќа на 9 февруари околу пладне преку истиот премин. Дента, на 7 февруари, Заев и Шекеринска имаат средба со ЕУ-претставникот во РМ Аиво Орав и со директорот на Директоратот на ЕУ за проширување, Kристијан Даниелсон. На средбата се говори за претседателските избори, а двоецот од СДСМ бара фер избори.

На 28 февруари претпладне преку ГП Дојран Заев одново оди за Грција, а се враќа попладне преку Богородица. Во двата правца оди со возило. Еден ден пред тоа Стево Пендаровски ја прифаќа партиската кандидатура, а на 1 март Груевски вели дека ќе има и парламентарни избори.

На 7 март Заев повторно заминува за Грција. Дента СДСМ го започнува случајот „Актор“, кој се однесува на изградбата на делницата Демир Kапија-Смоквица, со завршната реченица, која подоцна ќе стане вообичаен стил на СДСМ: „Груевски, ќе кажеш или ние да продолжиме“. Нова прес-конференција следува наредниот ден, а на 9 март Петре Шилегов посочува и одредени документи за „Актор“ каде што главен актер е грчка фирма.

Следува 19 март кога Заев ја напушта Македонија преку Ново Село за да се врати по неколку часа преку истиот премин. Тогаш Нимиц закажува нова рунда преговори, а тие денови од партијата стигнуваат шпекулации за случај што ќе го донесе СДСМ на власт. Неколку дена подоцна Шекеринска споменува дека имаат „бомба-документи“ за државниот врв. „Бомбата“, која многу личи на таа што му беше пуштена на турскиот премиер Ердоган неколку дена пред гласањето, исто така е објавена пред изборите. Атмосферата се загреваше така што СДСМ започна со млаки прес-конференции за да го засилува темпото секој ден, с` до објавување на аудиоснимката за случајот со Македонска банка. Сето тоа проследено на крајот со истата реченица: „Груевски, ќе кажеш или да продолжиме“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.