Се укинува роамингот меѓу Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора

Од 30 јуни оваа година ќе се укинат роаминг цените помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, информираше денеска директорот на АЕК Роберт Ордановски.

Тоа значи дека граѓаните ќе можат да разговараат, праќаат СМС пораки и користат интернет на мобилен телефон по домашна тарифа.

-На последниот состанок во Белград при крајот на 2014 година Регулаторите од 4 земји во регионот Србија, Црна Гора, БиХ и Македонија финално се договоривме новите цени да почнат од 30 јуни 2015, рече Ордановски.

Тој додаде дека рокот се пролонгирал бидејќи имало некои проблеми со една од државите потписнички на овој договор.

-Финално е дека на 30 јуни почнува бесплатниот роаминг, во моментов трае јавна расправа на веб сајтот на АЕК, од неодамна има повик за јавна расправа на сите заинтересирани субјекти, се ќе биде транспарентно презентирано пред македонската јавност. Неопходните законски промени се извршија минатата година. Со измените на ЗЕК кои што се донесоа во ноември 2014 година се додаде нов член во ЗЕК каде што АЕК има законска можност да ги дефинира цените во роаминг. Веднаш се создадени сите правни услови за да се реализа меѓудржавниот договор потишан во Црна Гора во ноември 2014, истакна Ордановски.