Се уништија 18.000 парчиња фалсификувана стока

Осумнаесет илјади парчиња фалсификувана стока запленета од Царината денеска се уништени во печката на „Фени индустри“ во Кавадарци.

„Се работи за 13 илјади парчиња фалсификувана стока на познати трговски марки што ги штитиме и пет илјади парчиња фалсификувани производи на познати брендови кои се под заштита на наши колеги од оваа област. Фалсификуваната стока е собрана во период од половина година“, изјави Ели Муфишовска, управител на организацијата „Реакт” која работи на заштита на повеќе од 50 трговски марки.

Запленетата стока може да биде класичен фалсификат или повреда на брендот, кога на одреден производ се користат знак и лого на одредена трговска марка, а производот има друго име.

Муфишовска, као одговор на поставеното прашање, зошто фалсификуваната стока не им се даде на сиромашните, појасни дека новиот закон за донирање стока задржана поради повреда на интелектуалната сопственост е стапен во сила и почната е постапка за отстранување на одредени производи каде што е можно да се отстрани повредата на производот.

„Таму каде што е можно, тоа веќе се прави. Потоа Министерството за труд и социјална политика ќе ги подели тие производи онаму каде што се најпотребни“, појасни Муфишовска.