Се уплашиле од чудни звуци, па го приземјиле авионот

Уплашени патници во авионот „Боинг 737“ на полската авио компанија „ЛОТ“, кој летал синоќа на релација за Истанбул, го натерале пилотот да се врати во Варшава, бидејќи ги преплашиле чудни звуци.

Сомнителните звуци, кои биле поприлично гласни, се слушнале на палубата на авионот после полетувањето, по што уплашените патници побарале од пилотот веднаш да го врати авионот на аеродромот, иако добиле објаснување дека не станува збор за ништо опасно.

Како што пренесуваат полските медиуми, тие инсистирале на враќање назад иако им е пренесено дека звуците доаѓаат поради тоа што на едно од местата не е добро запечатена вратата, но немало опасност од декомпресија на авионот.

„Безбедноста е нашиот приоритет и затоа пилотот, бидејќи е побарано да го провери проблемот кој го нарушува комфорот на нашите патници, во склад со процедурите одлучи да се врати во Варшава. Нагласуваме дека сите системи на авионот функционираат исправно“ – стои во соопштението на „ЛОТ“.