Се урбанизира општина Кривогаштани, ова е новиот изглед

Општина Кривогаштани е една од ретките општини во Македонија која може да се пофали со тоа дека во 2014 година има зголемен наталитет од 30 проценти за разлика од 2013 година. Односно, во општината лани се родиле 40 дечиња што е за 15 повеќе од 2013, што пак за една мала општина и тоа како е значајно. Исто така, за само 2 месеци од почетокот на оваа година се склучиле 14 бракови што е исто така значајно зголемување. Од општината велат дека ова е резултат на мерките кои тие постојано ги преземаат во секоја сфера од општественото живеење за да животот и во руралните места ги добие сите потребни квалитети како оние во градските средини.

20-01

„Со моето доаѓање на функцијата градоначалник на општината донесовме одлука да се стимулираат сите брачни двојки со по 5.000 денари за секое новороденче и плус сукцесивно со по 10.000 денари за секое наредно дете, значи за прво и второ родено дете добиваат по 5.000 денари, за трето плус 10.000 денари, за четврто плус 20.000 денари, за петто по 30.000 денари итн. Ова зголемување на наталитетот можам слободно да кажам дека е резултат на нашата напорна работа како тим на локалната самоуправа за модернизирање и урбанизирање на општината, која постојано се збогатува со нови содржини и нашите жители полека ги добиваат сите услови и квалитет на живот кој постои во градските средини. Една од тие мерки секако е и отворањето на новата градинка во Кривогаштани „Весело штркче“ каде моментално има 53 дечиња, капацитетот е целосно исполнет, а сега планираме во населеното место Обршани да воведеме и Дневен центар каде околу 40 дечиња на почеток би престојувале по околу 4 часа дневно, и доколку има интерес, а според најавите на родителите и тоа како има, во иднина и во Обршани ќе се отвори уште една градинка за тој дел од нашата општина“, вели Тони Заткоски, градоначалник на општина Кривогаштани.

20-02

Според општината, младите и стопирањето на миграцијата е нивниот основен приоритет. Затоа постојано се инвестирало во образовниот процес кој е клучен фактор за нормален развој на децата.

„Основното училиште во Кривогаштани „Манчу Матак“ како што знаете неодамна беше целосно реконструирано, доби енергетски ефикасна фасада, нова енергетски ефикасна дограма, за прв пат се инсталираше и систем за парно греење, со што се замени стариот начин на затоплување со ќумбиња, а комплетно беа реновирани и сите училници. Со тоа доста се подобри квалитетот на наставата за децата. Ќе започнеме и со комплетно реновирање на основното училиште во селото Годивље каде исто така дечињата ќе добијат комплетно реновирано училиште и за прв пат и таму ќе се воспостави мини систем за парно греење“, истакна Заткоски.

Освен во образованието, Кривогаштани интензивно инвестира во подобрувањето на квалитетот на живот и во сите останати сфери. Така што моментално со забрзано темпо се работи на адаптација и реконструкција на просторот каде од наредниот месец во Кривогаштани треба да профункционира службата за Итна медицинска помош. Таа ќе биде сместена во делот каде сега се наоѓа амбулантата. Објектот е на општината, а таа се гради во договор со Здравствениот дом од Прилеп.

„Во Итната помош ќе бидат вработени 12 луѓе и тоа: 4 лекари, 4 медицински сестри и 4 возачи кои 24 часа дневно ќе го покриваат овој регион. Според динамиката на работа, Итната помош треба да биде готова до крајот на овој месец, и од 1 април веќе да започне со работа. Ќе ни бидат отстапени исто така и две возила од Здравствениот дом во Прилеп за потребите на оваа служба. Исто така со министерот за здравство, Никола Тодоров, склучивме договор со кој ни се одобрени средства за адаптација на простор каде ќе биде сместена и службата за рендген, ние тој апарат како општина веќе го обезбедивме како донација од нашите иселеници од Швајцарија“, потенцираше Заткоски.
Од општината информираат дека со тоа комплетно ќе бидат задоволени здравствените потреби на жителите од овој регион бидејќи во тој објект веќе функционираат и неколку концесионери општи лекари, а таму има и лабораторија.

20-03

Кривогаштани исто така ќе добие и мини систем за наводнување на реката Црна, проект вреден над 300.000 евра. Тоа веќе било договорено со Владата, и тој систем ќе опфател околу 300 хектари, во атарот на населените места Воѓани, Бела Црква и Пашиноруфци кои се наоѓаат по течението на реката.

„Тој систем ќе биде направен со каскади и нивелирање на коритото на Црна. Ќе се искористат поранешните каскади кои ги користел поранешниот ЗИК, ќе се изградат и нови и одново ќе се приспособи целиот тој систем. Средствата се обезбедени преку Министерството за финансии и Министерството за земјоделство. Наредна година ќе се одбере и понудувач, и кон крајот на 2016 или почетокот на 2017 ќе започне неговата изградба. Бенефитот ќе биде огромен, земјоделците нема да имаат проблем со водоснабдувањето, нема да се користат моторчињата за наводнување, бидејќи секој ден во време на сезона на наводнување, во функција беа околу 1.000 моторчиња, а со тоа ќе се спречи и загадувањето на Црна. Секој кој ќе го користи тој систем ќе знае во кој временски период ќе може да наводнува“, додава Заткоски.

Целото интервју можете да го прочитате ТУКА