Се уредуваат плажите во Стење и Сливница

На брегот на Преспанското езеро интензивно се работи на уредување на двете плажи во Стење и Сливница со цел плажите модернизирани и со нови содржини да ги пречекаат туристите на стартот на новата туристичка сезона, објави „Канал 5“.

 Со ова Преспа треба да овозможи една една нова понуда и да привлече уште поголем број туристи.

-Со изградбата на овие две плажи кои што ќе бидат исклучително современи и многу модерни очекуваме збогатување на туристичката понуда на Преспа, збогатување на туристичките капацитети и привлекување на што поголем број туристи. Се работи за инвестиција вредна над 70 милиони денари за двете плажи заедно. Средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, односно од Владата на Република Македонија. Со изградбата на овие две плажи очекуваме интересот за Преспа како туристичка дестинација да стане многу поголем уште од почетокот на оваа туристичка сезона, вели Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Ресен.

Со новите зафати плажите ќе добијат модерни платформи, шанкови и спортски терени.

Сето ова треба да ги привлече туристите во Преспа да не доаѓаат само во еднодневни посети, туку тука да минуваат подолг дел од својот одмор.

Плажата во Стење е долга 500 метри, а во Сливница 100 метри. И двете треба да бидат готови до 15 јуни.