Се урна грчки воен авион, најмалку 10 загинати

Најмалку десет лица загинаа, а 13 се повредени, откако грчки воен авион Ф-16 се урна за време на воена вежба на НАТО во Шпанија, соопшти портпаролот на шпанското Министерство за одбрана, објави МИА.

Седум од повредените се во критичка состојба. Засега не е потврден индентитетот ниту националноста на жртвите.

На местото на несреќата се наоѓаат голем број противпожарни возила, кои се обидуваат да го изгаснат настанатиот пожар.

Според шпанскиот информативен сајт abc.es, до несреќата дошло откако пилотот извршил погрешен маневар за време на полетувањето, поради што авионот паднал, по што експлодирал на пистата на военовоздухопловната база „Лос Лјанос“ во Албасете, југоисточна Шпанија.

Авионот паднал врз хангар во военовоздухопловната база.

– Авионот се урна во близина на останатите авиони, соопштено е од шпанското Министерство за одбрана.

Шпанската база се користи за вежба на НАТО, во која учествува и Грција.