Се уште не е саниран паднатиот потпорен ѕид кај градинката

Родители кои своите деца ги носат во објектот на градинката „Kочо Рацин“, наречен „Панорама“ реагираат дека во него нема услови за престој затоа што децата се постојано внатре. Тие не го користат дворот на градинката затоа што потпорниот ѕид, кој летово се урна, се` уште не е саниран, иако Општина Центар, кога падна ѕидот, најави дека итно ќе го поправи. Дел од децата што одат во „Панорама“ одеа во матичниот објект на градинката „Kочо Рацин“ во Kапиштец за кој Општина Центар на родителите им вети дека ќе биде изграден до овој септември, но градежните работи се` уште не се почнати, пишува Дневник.

Родителите велат дека 42 деца од две групи се собрани во една занимална во „Панорама“ и поради тоа меѓусебно се повредуваат.

– Поради бројноста на децата, инцидентите, како меѓусебно удирање, гризење, гребење, се секојдневни меѓу децата, а исто така тие страдаат од вирусни и бактериолошки заболувања -вели родител чие 3-годишно дете сега го носи во објектот „Панорама“ откако во почетокот на јули Центар го урна матичниот објект на „Kочо Рацин“, а 170 деца беа сместени по останатите клонови.

И реквизитите се опасност

Родителот, кој сакаше да остане анонимен, реагира и на тоа што потпорниот ѕид, кој се урна на 19 јуни поради лизгање на земјиштето од обилните дождови, се` уште не е готов.

– Децата не излегуваат надвор. Постојано се затворени во занималната. Принудени се во толкава голема бројка да поминуваат во тој простор по осум, па и повеќе часови. Играат, јадат и спијат во една иста просторија. Замислете, 42 деца во простор од 35 квадратни метри – се жали тој и додава дека децата не можат да излезат во дворот бидејќи с` уште е непристапен поради потпорниот ѕид, а реквизитите лежат растурени и претставуваат опасност.

Друг родител, кој исто така своето дете го носи во објектот „Панорама“, реагира зошто не е исполнето ветувањето на Општина Центар дека новата градинка ќе биде готова до овој септември, а дури сега се започнати одредени активности. Родителите имале преписка со надлежните од Општината Центар од каде што им било кажано дека новата градинка „Kочо Рацин“ ќе биде готова во јуни 2015 година.

Директорката на градинката „Kочо Рацин“, Елеонора Ангелеска, вели дека од матичниот објект децата се префрлени во три други објекти: „Бели Мугри“ на улицата Ацо Kараманов, во „Панорама“ на улицата Тасино Чешмиче и во објектот „Наум Наумовски-Борче“ на улицата Борка Талески зад Универзалната сала.

– Две групи со 44 деца, што во февруари од градинката „Kочо Рацин“ беа префрлени во „Панорама“, ги префрливме во објектот „Наум Наумовски-Борче“. Тоа го направиме на инсистирање на родителите кои реагираа дека градинката им е далеку и на високо, како и поради уривањето на потпорниот ѕид. Тие потпишуваа и петиција. Точно е дека особено во летниот период имаше реакции од родителите чии деца беа во објектот „Панорама“ затоа што поради небезбедност, децата не можат да излезат во дворот – објасни Ангелеска.

Таа додаде дека од Општината ~ било речено дека градежните активности за изградба на потпорниот ѕид не можат да започнат бидејќи во дворот имало два бунара и доколку водата од нив не биде пренасочена, ѕидот повторно ќе падне.

– Најголем проблем е што не е решена атмосферската канализација. Kога има дожд, водата од трите улици околу објектот „Панорама“ се слева во дворот и го поплавува – информира Ангелеска.

Таа додаде дека условите за престој во објектот „Панорама“ не се лоши.

– Се работи за две групи деца на возраст од 3 до 4 години, кои се сместени во една занимална. Тоа не се повеќе од 32 деца, иако се запишани 42. Никогаш не присуствуваат толку. За нив се грижат две воспитувачки и 3 негувателки. Во таа занимална имаат убави услови за престој и досега не се случил посериозен инцидент. Се случило децата да се турнат, да се гребнат – тврди Ангелеска.

Ѕидот ќе се гради од понеделник

Од Општината Центар велат дека изградбата на потпорниот ѕид ќе ја започнат наредната недела. Горан Илјовски, раководител на секторот за уредување градежно земјиште, потенцира дека досега го чекале проектот.

– Тоа не е едноставна работа. Се вршеше испитување на теренот. Освен тоа, во дворот на објектот имаше бунари, кои ја собираа водата и таа се излеваше. Сега со проектот е предвиден систем со кој преку цевки водата од бунарите ќе се носи во канализацијата. В понеделник или вторник ќе започнеме со изградбата – информира Илјовски.

ГРАДИНКАТА „КОЧО РАЦИН“ ЌЕ ПРИМА ДЕЦА ОД СЛЕДНИОТ СЕПТЕМВРИ

Што се однесува до изградбата на градинката „Kочо Рацин“, Илјовски истакна дека денеска Советот на Град Скопје ќе треба да даде зелено светло за ослободување на Општината Центар од комуналии за изградбата.

– Потоа, во рок од четири до пет дена треба да се извади градежната дозвола и ќе почнеме со градежните активности. Објектот би бил готов во април-мај наредната година, со тоа што згрижувањето на децата би започнало од септември – најави Илјовски.

Од Општината информираат дека подготвителните работи се завршени и дека изведувачот „Гранит“ го расчистил целиот терен.

На 11 септември Министерството за транспорт најави дека ќе ~ го додели на Општина Центар на трајно користење земјиштето наменето за изградба на градинката „Kочо Рацин“ во населбата Kапиштец. Станува збор за градежна парцела со површина од 5.320 квадратни метри. Објектот ќе се простира на површина од 2.200 квадратни метри и во него е планирано да се згрижат 270 деца.

За реализација на проектот, Општина Центар потпиша договор со „Гранит“ од Скопје во вредност од 112 милиони денари, односно 1,8 милион евра, а парите се обезбедени од буџетот на Општината.