Се’ уште нема договор помеѓу Грција и кредиторите

Претставници на Грција и нејзините кредитори денеска веќе трет ден ги продолжија разговорите во Брисел со цел постигнување договор за реформите со кој би се одблокирала финансиската помош за Атина, објави МИА.

Портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас денеска изјави дека разговорите во текот на викендот биле „конструктивни“, но дека не е постигнат договор. Тој додаде дека технички тимови на институциите ќе треба да спроведат дополнителни проверки на факти во Атина.

Меѓу клучните точки за кои постои несогласување се неподготвеноста на Грција во моментов да разговара за пензиските реформи, приватизацијата и кои мерки ќе се преземат за справување со затајувачите на данок со цел зголемување на приходите.

Во исто време, германските медиуми, чии извештаи се пренесуваат во Грција, пишуваат дека преговорите меѓу Атина и Брисел за новата транша од 7,2 милијарди евра не успеале, иако изминатиов викенд била една од последните шанси Грција да се спаси од банкрот.

Кредиторите сметаат дека грчките предлози не се доволни и оти треба да се „дотераат“. Учесниците во преговорите во Брисел соопштиле дека се уште не постои употреблива основа за преговори и оти грчката Влада, наместо листа со реформи, поднела само низа документи во електронска форма и тоа на мобилни телефони. Списокот бил само на грчки јазик, а грчките претставници го изнеле и усно.

– Листата не е кредибилна – изјавил еден дипломат од ЕУ за германската агенција ДПА.