Се верија Парис Хилтон и актерот Крис Зилка

Богатата наследничка Парис Хилтон и актерот Крис Зилка се вериле изминатиот викенд, соопшти нејзината портпаролка.

Зилка ја побарал за жена на скијачката патека во американското монденско одморалиште Аспен, а одушевената 36-годишна Парис сите детали околу просењето ги објави на социјалните мрежи.

„Ова е најроматичниот момент во мојот живот“, напиша покрај видео снимка од просењето, а за магазинот People неодамна рече дека Зилка е „совршен“, нарекувајќи го човек на нејзиниот живот и најдобар пријател.

Двојката се запознала пред осум години на една од забавите по доделувањето на Оскарите, но љубовната врска ја започнале дури пред две години.

Триесет и двегодишниот Зилка на својата сакана ѝ подарил прстен со голем дијамант од 20 карати во облик на крушка во вредност од два милиона долари.

Златарот Мајкл Грин раскажал дека со своите соработници прстенот го дизајнирале за само два дена, бидејќи Зилка сакал да биде довршен пред да заминат во Аспен.

„Бајките постојат“, напиша Парис на социјалните мрежи.