Се влошува состојбата на Шешељ: Изолиран од другите затвореници

Лидерот на српските радикали, Воислав Шешељ, кој на 18-ти декември беше опериран од рак на дебелото црево, веќе со денови е во изолација. Како што тврдат неговите сопартијци, овој налог го потпишал секретаријатот и управата на притворот во Шевенинген.

Првата хемотерапија Шешељ ја примил на четврти февруари, од вкупно 12 циклуси колку што му одредиле докторите.

„Во текот на терапијата, која траеше три дена, Шешељ немаше никакви потешкотии ниту компликации. Добро ја поднесе терапијата. Но, еден ден пред да излезе од градската болница во Хаг, еден од притворските доктори рекол дека следните недели ќе биде во изолација во притворската болница, поради наводната опасност која ја носи за останатите затвореници. Шешељ не доби писмена одлука за тоа и не знае дали воопшто постои такво нешто“, рекол потпретседателот на српската радикална партија, Немања Шаровиќ.

Според него, оваа медицинска процедура не е вообичаена ниту медицински оправдана, бидејќи лидерот на радикалите не е прв обвинет во Хаг кој е болен од рак и кој примал хемотерапија зад решетки.

„Очигледно е дека причините за изолација на Шешељ се длабоко политички и нехумани како што е и целата постапка која што се води против него. Изолацијата е штетна за неговото телесно здравје“, додал Шаровиќ.